РУСИЈА ГИ ГАЃА УКРАИНСКИТЕ ТРГОВСКИ БРОДОВИ Киев бара итна седница на Советот за безбедност на ООН

Според Москва, бродовите пренесувале товар за потребите на украинската армија. Киев тврди дека „ова е намерен економски и хуманитарен терор“.

177

Русија синоќа соопшти дека извршила напади врз украинските градови Одеса и Черноморск, при што била погодена пристанишна инфраструктура и пловни објекти за кои Москва тврди дека ја поддржуваат украинската војска. Киев по нападите врз бродови во Црното Море, побара свикување итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека последните напади биле насочени кон товарен брод за време на истовар во пристаништето Черноморск, како и кон складиште со воен товар и резервоари за горива и нафта.






Според руското министерство, погодени биле и складишни и товарни објекти во Одеса, како и товарни бродови што, според Москва, пренесувале товар за потребите на украинската армија. Биле погодени и три складишта со украински беспилотни летала.

Во соопштението објавено доцна синоќа на „Телеграм“, руското Министерство за одбрана наведе дека руските беспилотни летала во текот на денот погодиле четири товарни брода и еден брод за превоз на ситен материјал во водите на Црното Море и во пристаништето Черноморск. Се наведува дека пловните објекти превезувале товар за украинската војска.

Речиси четири и пол години по почетокот на војната, Русија и Украина ги засилија воените активности во и околу Црното и Азовското Море, при што двете страни нападнаа десетици бродови, меѓу кои и танкери за нафта и товарни бродови.

Украина побара итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за 27 јули по руските напади врз бродови во Црното Море, изјави вршителот на должноста украински министер за надворешни работи, Андриј Сибиха.

Во објава на платформата „Икс“, Сибиха наведе дека неодамна биле нападнати најмалку три цивилни товарни брода, при што „десетици“ членови на екипажите биле убиени или повредени.

„Денес ниту едно пловило не помина низ украинскиот црноморски поморски коридор – токму во време на врвот на жетвата. Ова е намерен економски и хуманитарен терор“, напиша тој, обвинувајќи ја Русија дека ја загрозува глобалната безбедност на храната.

Сибиха повика на реакција од меѓународната заедница и ги повика државите, особено оние кои се засегнати, да побараат од Русија да престане со нападите врз слободата на пловидба во Црното Море.

Поврзани содржини