ПОЧИНА ТЕШКО ПОВРЕДЕНАТА ВО ЕКСПЛОЗИИТЕ ВО СОЛУН Тероризмот мора да се протера од Грција, порача Мицотакис
Вагија Нестора, мајка на политичарката од Нова демократија, Афродита Нестора, по нападот на нејзината семејна куќа се здоби со тешки изгореници и им подлегна на повредите.
Мајката на политичарката Афродита Нестора почина денеска по нападот врз активисти на владејачката Нова демократија во Солун, во кој и самата политичарка беше повредена.
Тешко повредената Вагија Нестора, беше интубирана на интензивна нега во болницата „Ипократо“, откако се здоби со тешки изгореници по целото тело, но, и покрај напорите на лекарите, таа им подлегна на повредите.
Политичарката Афродита Нестора е хоспитализирана на Хируршката клиника, а нејзиниот татко, со благи респираторни проблеми се лекува на Клиниката за пулмологија, објави Катимерини.
Трите напади со експлозивни и запалливи направи се случија во средата рано наутро, а целите беа куќите на претседателот на Извршниот комитет на Нова демократија на Солун, Зисис Јоакимовиќ, поранешниот пратеник Савас Анастасијадес и политичарката Афродита Нестора.
Во нападот беа повредени и двајца граѓани, жители на зградата каде што живее семејството Нестора, кои исто така се хоспитализирани.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека „трагичниот крај“ на Вагија Нестора ја потврдува убиствената и нехумана природа на слепото насилство во јавниот живот.
– Никој сега не може да остане неактивен или да се ограничи на лицемерни зборови на осуда. Нема толеранција за крв! Легитимитетот на државата и единството на општеството сега мора да го протераат тероризмот таму каде што му е местото: на маргините – изјави тој.
Според првичните наоди од истрагата, двајца сторители на координираните напади врз лидерите на Нова демократија во Солун фрлиле канистри со запалив и експлозивен материјал врз три куќи во рок од 17 минути, а потоа избегале со мотоцикл.
Првиот напад е регистриран во 4:18 часот наутро во Пилеја, кога напаѓачите поставиле и запалиле шише со експлозивна течност пред зградата во сопственост на претседателот на Управниот одбор на Нова демократија на Солун, Зисис Јоакимовиќ.
Неколку минути подоцна, во 4:23 часот, се случи напад во населбата Тумби во Солун, каде непознати лица фрлија канистер со запалива течност кон влезот од станбената зграда каде што живее поранешниот пратеник на НД за солунскиот округ, Савас Анастасијадес.
Напаѓачите фрлија канистер со запалива течност кон куќата каде што живее Афродита Несторе, а експлозијата запали два автомобила и два мотоцикли што се наоѓаа во близина.