📽️ РУСКИОТ „БОМБАРДЕР НА СМРТТА“ ПАДНА ВО АМУРСКАТА ОБЛАСТ Шестмина загинаа, еден е повреден

Стратешкиот Ту-95МС се урна за време на тренажен лет во ненаселена област, а руското Министерство за одбрана потврди дека авионот летал без муниција.

0

Рускиот воен авион Ту-95 се урна денес во Амурската област на рускиот Далечен Исток, при што загинаа шест членови на екипажот, а еден е повреден, соопшти руското Министерство за одбрана.

Од руското Министерство за одбрана соопштиле дека несреќата се случила на 29 септември, за време на тренажен лет. Авионот паднал во ненаселена област, а според прелиминарните информации, шест членови на екипажот загинале, додека еден бил повреден и евакуиран во медицинска установа.






Станува збор за Ту-95МС, стратегиски бомбардер-ракетоносец кој може да носи крстосувачки ракети и нуклеарно оружје. Сепак, според руското Министерство за одбрана, авионот во моментот на несреќата летал без муниција.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледаат пламен и густ чад од местото на падот, како и снимка за која се тврди дека го прикажува моментот на паѓањето на авионот. Автентичноста и сите детали од снимките не се независно потврдени.

 

Авионот бил поврзан со воздухопловната база „Украинка“ во Амурската област, која се користи за стратешки бомбардери Ту-95. Местото на несреќата се наоѓа на илјадници километри од Украина.

Ту-95 е советски стратешки бомбардер со турбопропелерски мотори, кој првпат полетал во 1950-тите и сè уште претставува важен дел од руските стратешки воздухопловни сили. Модернизираните верзии се користат и за лансирање крстосувачки ракети во војната во Украина.

Причината за падот засега не е официјално соопштена. Руските власти испратиле специјална комисија на местото на несреќата за да ги утврди околностите и причините за падот.

 

Во првичните извештаи и на социјалните мрежи се појавија различни тврдења за можната причина за несреќата, меѓу кои и откажување на повеќе мотори и можна саботажа. Засега нема официјална потврда дека авионот бил саботиран, па овие информации треба да се третираат како непотврдени.

Според локалните власти, екипажот на авионот направил сè што можел за да го насочи леталото подалеку од населените места.

Падот на Ту-95 се случува во момент кога овој тип руски бомбардери продолжува да има значајна улога во руската стратегиска авијација и во нападите со крстосувачки ракети врз Украина.

Поврзани содржини