ПАРЛАМЕНТОТ ВО ПОЛИТИЧКА БИТКА ЗА ЕУ ЗАКОНИТЕ Мицевски обвини за блокади од СДС и ДУИ

Пратеникот Никола Мицевски од собраниската говорница порача дека парламентарното мнозинство ќе ги усвои сите реформски закони побарани од Европската комисија, обвинувајќи ги СДС и ДУИ за опструкции во процесот.

93

Парламентарното мнозинство ќе продолжи со донесување на реформските закони кои се дел од европската агенда, и покрај, како што тврдат од власта, обидите за нивно блокирање од страна на СДС и ДУИ.

Ова вечерва го порача пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на собраниска седница, нагласувајќи дека сите закони побарани од Европската комисија ќе бидат усвоени.






– Еве сега пред сите ви порачуваме дека она што значи реформа на државата, а што не успеавте 7 години да го направите вие, нема да дозволиме да се закочи ниту оваа вечер, ќе продолжиме да работиме и сите реформски закони кои ги бара Европската комисија од нас и коишто значат напредок на државата, а коишто не ги направивте вие ќе бидат направени од ова парламентарно мнозинство – истакна Мицевски.

Тој додаде дека реформскиот процес нема да биде стопиран и дека законите ќе се носат и во услови на политички несогласувања.

– Затоа сите сме тука да продолжиме да ги спротивставиме аргументите. Се надевам дека ќе прекинете со опструкцијата на комисиите кои беа закажани, а коишто организирано ги правевте и СДС и ДУИ – рече тој.

Мицевски нагласи дека министерите надлежни за реформските процеси биле присутни, но дека, според него, опозицијата намерно го кочи процесот.

Во своето обраќање, тој оцени дека граѓаните веќе ја дале својата оценка за претходното владеење на СДС и додаде дека парламентарното мнозинство ќе продолжи со работа до крајот на роковите.

– За ваквиот ваш однос 7 години граѓаните ви ја испорачаа фактурата. Продолжете така да се однесувате, ние сме тука и ќе продолжиме да работиме – изјави Мицевски.

Тој потсети дека рокот за дел од реформските закони е 30 јули и изрази очекување дека тие ќе бидат донесени во предвидениот период.

Поврзани содржини