НАД 920 ЖРТВИ ВО АПОКАЛИПСАТА ВО ВЕНЕЦУЕЛА Под урнатините се верува дека има илјадници луѓе
Бројот на жртви од двата разорни земјотреси во Венецуела се искачи на над 920, додека илјадници се повредени, а спасувачките тимови се тркаат со времето.
Бројот на жртви од двата разорни земјотреси во Венецуела се зголеми на најмалку 920 лица, соопшти денеска претседателот на Националното собрание Хорхе Родригез, додека спасувачките операции продолжуваат два дена по силните потреси што ја погодија јужноамериканската држава, јавува ДПА.
Според последните податоци, бројот на повредени лица исто така драматично расте и сега изнесува 3.300, изјави Родригез.
Двата земјотреси, со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени, ја потресоа северна и централна Венецуела во интервал од само 39 секунди завчеравечер, предизвикувајќи огромни материјални штети и паника кај населението.
Властите предупредуваат дека конечниот биланс на жртви би можел да биде уште поголем, бидејќи постојат индиции дека под урнатините има голем број заробени луѓе. Спасувачките тимови се обидуваат да стигнат до преживеаните, но како што минуваат часовите, шансите за преживување значително се намалуваат, особено по критичниот период од 72 часа.
Најголеми штети се пријавени во државата Ла Гваира на карипскиот брег, но разурнувања има и во главниот град Каракас и други делови од земјата, пренесува ДПА.
Спасувачките операции се дополнително отежнати поради долгогодишната економска криза во која се наоѓа Венецуела, една од најсиромашните земји во Јужна Америка, што ја ограничува инфраструктурата и капацитетите за брза реакција.
Во меѓувреме, во земјата пристигнуваат меѓународни тимови за помош, кои се приклучуваат на локалните служби во потрагата по преживеани и доставување хуманитарна помош.
Загрижувачки податок е и бројката од над 50.000 пријавени исчезнати лица на неофицијална онлајн платформа, каде семејствата објавуваат фотографии од своите најблиски. Сепак, не е јасно колку од тие податоци се ажурирани или проверени, бидејќи записите ги внесуваат самите корисници, додава ДПА.