„ВОЕНИ ПИЛОТИ МИ КАЖАА МНОГУ ЧУДНИ РАБОТИ“ Трамп за сведоштвата за НЛО што ги слушнал од припадници на воздухопловните сили
Во интервју за емисијата „60 Minutes“, американскиот претседател рече дека и во првиот и во вториот мандат разговарал со искусни пилоти на Военото воздухопловство, кои му раскажале необични работи за неидентификуваните летечки објекти.
Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека за време на средбите со воени пилоти, и во првиот и во вториот претседателски мандат, слушнал „многу чудни работи“ поврзани со неидентификуваните летечки објекти (НЛО). Тој нагласи дека станува збор за искусни воени пилоти, а не за луѓе кои веруваат во теории на заговор.
Во интервјуто за емисијата „60 Minutes“ на телевизијата „CBS“, Трамп рече дека едно од најчестите прашања што ги добива се однесува на она што војската го нарекува необјаснети воздушни феномени, познати и како неидентификувани летечки објекти.
– Не можам да кажам дека многу верувам во тоа, но седев во Овалната соба, и во првиот и малку во вториот мандат, и се среќавав со пилоти на Военото воздухопловство кои се навистина добри, сериозни луѓе. Тоа не се луѓе за кои би рекле дека се теоретичари на заговор. И ми кажаа работи што се навистина многу чудни – изјави Трамп.
Американскиот претседател не откри повеќе детали за разговорите со воените пилоти, ниту објасни на какви конкретни појави се однесувале нивните сведоштва.