240 ЕВРА ЗА ДВЕ ЛЕЖАЛКИ И ЧАДОР Свети Стефан повторно се отвора по пет години пауза
Луксузниот комплекс Свети Стефан повторно ќе биде отворен од 1 јули, а интересот за престој е рекорден. Во меѓувреме, цените на плажите достигнуваат до 240 евра, а локалното население реагира поради ограничениот пристап до шеталиштето.
Еден од најпознатите туристички симболи на Црна Гора, луксузниот комплекс Свети Стефан, повторно ќе биде отворен за гости од 1 јули, по пауза од пет години. Од компанијата закупец соопштија дека сите подготовки се завршени и дека интересот за престој е исклучително голем.
Според нивните информации, хотелот „Аман Свети Стефан“ моментално е на прво место меѓу сите објекти од синџирот „Аман“ во светот според бројот на направени резервации.
Во рамки на комплексот веќе работат двата познати ресторана „Зума“ и „Намос“, додека првите гости во „Вила Милочер“ пристигнале уште на 22 мај. На располагање на посетителите им е и спа-центарот лоциран на Краличината плажа.
Сепак, луксузот има и висока цена. Користењето на две лежалки, чадор за сонце и придружна услуга на Краличината плажа чини 240 евра, додека на хотелската плажа во Свети Стефан цената за две лежалки и чадор изнесува 220 евра.
Краличината плажа во периодот од 8 до 20 часот е достапна исклучиво за гостите на хотелот, додека дел од Големата милочерска плажа е резервиран за локалното население.
Повторното отворање на Свети Стефан следува откако Владата на Црна Гора го усвои предлогот за спогодба со закупецот „Адриатик пропертис“, со цел да се избегне потенцијална штета проценета на повеќе од 100 милиони евра во меѓународниот спор што се водеше во изминатиот период.
Но, враќањето на капијата на Краличината плажа предизвика незадоволство кај жителите на Свети Стефан. Тие тврдат дека повторно им се ограничува пристапот до шеталиштето кое ги поврзува Свети Стефан и Милочерскиот парк во периодот кога плажата е резервирана за хотелските гости.
Поради тоа, Советот на месната заедница Свети Стефан поднел кривична пријава до Основното државно обвинителство во Котор против „Адриатик пропертис“, како и против други надлежни државни и општински институции. Од Комуналната инспекција на Општина Будва истовремено е побарано итно отстранување на оградата и капијата поставени на јавна површина.