ЛИНА ГО ПОЧНА ПОХОДОТ КОН ГЛАВНИОТ ТУРНИР Македонката блесна во квалификациите за Вимблдон

Лина Ѓорческа ја совлада Анхела Фита Болуда со 6:2 и 6:4 и обезбеди пласман во второто коло од квалификациите за Вимблдон, каде ќе игра против Португалката Франциска Жорге.

0

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успешно ја мина првата пречка во квалификациите за Вимблдон, откако попладнево ја совлада Шпанката Анхела Фита Болуда со 2-0 во сетови (6-2, 6-4) по 79 минути игра.

Ѓорческа искористи пет од осумте брејк-топки во мечот, додека нејзината противничка реализираше две од трите шанси. Во вкупниот број освоени поени, македонската тенисерка беше поуспешна со 63:51, а на мрежа имаше одличен учинок од 11 освоени поени од 13 излегувања. Болуда, пак, освои седум поени од 21 излегување на мрежа.






Во првиот сет Ѓорческа целосно доминираше и го доби со 6:2 во гемови, искористувајќи ја третата сет-топка.

Вториот сет почна со брејк на Болуда за водство од 1:0, но Ѓорческа веднаш возврати и израмни на 1:1. Во петтиот гем Шпанката повторно направи брејк и поведе со 3:2, но македонската тенисерка уште еднаш возврати и израмни на 3:3. Во десеттиот гем Ѓорческа ја реализираше првата меч-топка и го доби сетот со 6:4.

Ова беше прва победа за Ѓорческа во меѓусебните дуели со Болуда, откако Шпанката беше поуспешна во нивниот единствен претходен меч во 2021 година.

Противничка на Ѓорческа во второто коло од квалификациите ќе биде Португалката Франциска Жорге, која моментално се наоѓа на 226. место на ВТА-листата. Таа во првото коло со 2-0 во сетови ја елиминираше десеттата носителка во квалификациите, Далма Галфи.

Поврзани содржини