Компетентен говор или уличарско лаење

Како што се продлабочува кризата со македонскиот евроинтегративен пат, зајакнува интензитетот и се проширува дијапазонот на пропагандистичкиот и навивачки говор на една категорија „интелектуалци“, насочен не само кон власта – која имате право да ја сакате или не, па следствено и да ја критикувате – туку и кон сите кои мислат поинаку!

83

Кризните времиња – а ние не можеме да одречеме дека живееме во такво – наложуваат соодветно поведение, вклучувајќи го тука секако и правото на говор, особено кај оној дел од општеството којшто сака себеси да се претстави како прогресивен, интелектуален, елитен односно водечки во секој поглед. Но кога го спомнувам правото на говор не мислам на ограничувањето или ускратувањето на истото како основно човеково право. Но мислам на онаа лична, интелектуална одговорност пред себеси и пред јавноста тоа право да се „прочисти“, депропагандизира и по потреба деидеологизира односно да се насочи, колку што може, кон вистината, каква и да е.

Или, ако уште античките демократии умееле да ја направат разликата помеѓу исегорија (ἰσηγορία) како политичка привилегија на право на јавен збор и парезија (παρρησία) како слобода на бестрашен говор на граѓанинот, зарем ние не сме способни за тоа? Иако навидум слични, дури идентични, двата поими посочуваат на суштинска разлика, онаа што ни е неопходна денес.






А суштинската разлика, упростено, ја воведува во игра вистината како доминатен односно единствен можен начин на јавна комуникација во сложени, тешки времиња. На ова посочувал и Фуко, но за тоа малку подоцна. Се разбира, тој и таков говор не може никој да го наметне или наложи со декрет. Тој зависи од личниот морал, интегритет и професионална етика. Нема да спомнувам овде „патетични“ поими како чувства и почит кон сопствената земја и сограѓани, кон својата историја, култура и идентитет… Но тоа се поими што се наметнуваат самите по себе во вакви времиња.

Но ние паѓаме и на тој испит. Како што се продлабочува кризата со македонскиот евроинтегративен пат, зајакнува интензитетот и се проширува дијапазонот на пропагандистичкиот и навивачки говор на една категорија „интелектуалци“, насочен не само кон власта – која имате право да ја сакате или не, па следствено и да ја критикувате – туку и кон сите кои мислат поинаку! Што, да речеме, и не е најстрашната страна на овој тип клиентелистички говор. Проблемот се продлабочува што во тој говор, главно навредлив и неаргументиран, по правило нема одговор на дилемите во јавноста за македонскиот пат кон еу (малите букви се…), нема рационален дискурс, уште помалку дијалог или расправа за сите досега посочени „темни места“ во инсистирањата на источниот сосед и политикантската машинерија на еу, нема предвидливи одговори на поставените прашања од многумина компетентни кај нас итн.

Единствено што слушате се навреди за некакви недовршени Македонци, за неспособна власт, за македонски национализам или за идиотштината дека ние „мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“ со источниот сосед, за некаков „достоинствен погреб на државата“, за бизарно аплицирање на некакви етолошки теории во антропоморфни релации и слично, сѐ со цел да се внесе чувство на несигурност кај граѓаните, забуни и дезориентација во однос на состојбите во државата и нејзините перспективи без исполнувањето на странскиот диктат и др. А после да се говори дека тоа го прави – некој друг!

Или, ако сакате, не можете ан блок да опонирате на нечие – и тука најмалку ја подразбирам власта! – рационално инсистирање на суверени права, на право на јазик, култура, историја…, но и на отпор против негациите на тие права, а притоа да не приведете ниту еден аргумент освен некакво лично пелтечење за неважни нешта. Односно, и упште попрецизно: не можете – како што тоа го прави дел од спомнатата „интелигенција“ – да инсистирате на одредено (наметнато) решение, но да не ги коментирате и сите дополнителни диктати што другата страна отворено ги наметнува. Можеби сме ние навистина „прост народ“ но оние „сложените“ немаат ли обврска да објаснат како според нив ќе се одвива идната македонско-бугарска приказна? Па дури и сите да сме за пред Кооператива со топло пиво, немаат ли слепциве морална и професионална должност да нѐ просветлат со нивните „вистини“:

Зашто, јавните прозивки и упатства од страна на оние Радев, Јотова, Борисов и други високи бугарски функционери не се поништуваат со приказни за некаков македонски национализам, за погреб на државата, за „глувчешки рај“…, туку бараат дециден одговор: што со ваквите диктати утре, откако оние 215 Бугари ќе бидат внесени во Уставот? Такви парезијастички одговори наложуваат вакви кризни времиња и само така и тогаш се добива доверба од јавноста!

Но, бидејќи го спомнав Фуко, да појаснам дека на неговите шест предавања на Беркли (октомври/ноември 1983) насловени „Дискурс и вистина: проблематизацијата на парезијата“, тој го дефинира концептот на парезијата посочувајќи на неколку клучни критериуми: отвореност, вистинитост, опасност, критичност и должност. Секој од нив е интересен, но можеби овде треба да се потенцираа барем два – вистинитост и должност.

Фуко инсистира на вистинитоста на овој говор односно на значењето „да се каже вистината“. Но кај нас, па и не само кај нас, по правило има многу „вистини“. Но Фуко е дециден: „парезијстот говори вистина бидејќи знае дека тоа е вистина; и знае дека тоа е вистина бидејќи тоа е навистина вистина“! Таквиот говорник не е само искрен и не го кажува само својот став туку неговиот став е исто така вистина и таму „секогаш има точно совпаѓање помеѓу верувањето и вистината“!

Но како ние, или „обичниот граѓанин“, би знаеле дека тоа „е навистина вистина“ и кој ја кажува? Секако, тоа не е лесно прашање, ги интригирало уште Плутарх, Гален и други, но тука во игра влегуваат некакви предистории, претходни (не)морални биографии, идеолошко-политички и клиентелистички релации, етичките ставови на личноста, вистинитоста на претходните тврдења и теоретизирања итн. Или, како во нашиот најчест случај – ако говорникот упорно одбегнува соочување со фактите, со аргументираните анализи на можниот развој на настаните по прифаќањето на непринципиелниот диктат, ако крајно непринципиелно одбегнувате одговор на децидните ставови на соседните политиканти за нови и нови пристапни услови, ако дури ги игнорирате и оние европски гласови во полза на Македонија…, тогаш за каква „вистина“ може да стане збор? Односно, ако во недостаток на компетентен одговор на сето претходно спомнато користите само етикети и квалификации, соцреалистички флоскули и натегнати „филозофирања“… тогаш тоа не е сериозен и општествено одговорен говор. Да не спомнувам дека кај некои претставници на наводно академската заедница тоа преминува во уличарско лаење. Просто да ви е гнас да ги сретнете некаде!

Што е уште пострашно, претставниците на овој тип говор кај нас се главно оние со некакви академски титули или оние здодевни соцреалистички „општествено-политички работници“ кои одамна не знаат што да прават со себеси па се продаваат на сите што се подготвени да платат. Политикантите – онаа булумента скапо платени недоквакани простаци кои седат дури и во Собранието или други високи државни институции – не ги вбројувам овде бидејќи тие секако се (одлично) платени да говорат глупости.

Затоа, мораме да (му) веруваме (и на Фуко) дека вистината – или говорењето вистина, како сакате – е темелот на секоја демократија уште од времето на Атина. Ако воопшто и размислуваме за нив, за демократијата и вистината!

Поврзани содржини