📷 ПАРАДА НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕ Испратена е порака за видливост на заедницата
Настанот беше фокусиран исклучиво на гласен протест за клучните барања: итно носење на Законот за матична евиденција (правно признавање на родот), заштита од насилство и крај на говорот на омраза.
Со реквизити во боите на виножито, знамиња и транспаренти активисти и граѓани излегоа на овогодинешната Парада на гордоста во Скопје која се одржа под мотото „Сите нека знаат“.
Организаторите соопштија дека Парадата на гордоста отсекогаш била протестен марш и оваа година форматот на протестна поворка останува ист. Рекоа дека слоганот „Сите нека знаат“ укажува на потребата на ЛГБТИ+ заедницата да биде видена и да остане надвор од четирите ѕидови во која се турка за да биде замолчена и затворена.

„Скопје Прајд 2026“, како што посочија организаторите, претставува протестен марш за човекови права, еднаквост и достоинствен живот со порака за видливост и солидарност.
Собирот, кој се одржува по осми пат, започна во 19:00 часот од кај Фонтаната во Градскиот парк, а заврши во Жена парк. Пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк активистите ги изнесоа нивните политички заложби и барања, а обраќања имаа и активисти од заедницата и поддржувачи на Парадата.
Меѓу присутните беа заменик-амбасадорот на Европската Унија во земјава, Бен Нупнау, германската амбасадорка Петра Дрекслер, како и шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Солстром.

За разлика од претходните години, организаторите решија годинава на самиот марш да нема забавен дел со бина и со музичка програма на крајната точка. Настанот е фокусиран исклучиво на гласен протест за клучните барања: итно носење на Законот за матична евиденција (правно признавање на родот), заштита од насилство и крај на говорот на омраза.
Прославата и солидарноста на заедницата беше закажана за 21 часот во културниот центар „Лабораториум“.
