🎥ТАЛИБАНЦИТЕ ЗАБРАНИЈА ПАМЕТНИ ТЕЛЕФОНИ, ВЛАДИНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ ГИ КРШАТ Ќе биде ли Авганистан целосно отсечен од глобалниот интернет?

Забраната се спроведува на различни начини низ Авганистан - во некои области, тие се однесуваат само на државните службеници, а во некои градови и провинции се проширени на жените, цивилите, здравствените работници и на наставниците.

435

Талибанците наредија сеопфатна забрана за користење паметни телефони од страна на владини службеници во Авганистан, што според некои аналитичари би можело да биде вовед во многу пошироки ограничувања што би се однесувале на целото население.

Според наредбата издадена од воените судови на Талибанците, забраната треба да стапи на сила оваа недела, пренесува Гардијан, од каде имале увид во документот. Со неа се забранува употреба на мобилни телефони од страна на „високи и пониски службеници, обични муџахедини и помошен персонал“.






Во едно видео објавено на интернет се гледа како талибански службеник ја чита наредбата за забрана директно од својот мобилен телефон, додека друго лице ги крши телефоните во исто време.

Во наредбата се вели: „Ако некој користи мобилен телефон, неговиот уред ќе биде уништен, а против прекршителот ќе бидат применети законски и шеријатски казни“. Се додава дека исклучоци се можни само со писмена дозвола од врховниот лидер на Талибанците, Хибатула Ахунџада.

Според извештаи и извори од Авганистан, забраните се спроведуваат на различни начини. Во некои области, тие се однесуваат само на државни службеници, додека во некои градови и провинции се проширени на жените, цивилите, здравствените работници и на наставниците.

– Голем дел од ова се случува на локално ниво, во зависност од тоа што одлучил секој локален службеник. Но, исто така е можно ова да е подготовка за целосна забрана и засега само да ги тестираат реакциите – вели аналитичар кој ја следи ситуацијата во Авганистан.

Забраната доаѓа по сè поинтензивните обиди на Талибанците целосно да го отсечат Авганистан од глобалниот интернет. Властите наредија дводневно исклучување на интернетот во септември, нејасно оправдувајќи го со загриженост за порнографија. Во наредбата се наведува дека целта е „да се спречи неморал“.

Аналитичарот верува дека одлуката во тоа време била донесена набрзина и без размислување за последиците. Трговијата запре низ целата земја, а работата на службите за итни случаи и воздушниот сообраќај беше нарушена.

– Приватниот сектор беше во паника, банкарскиот сектор исто така беше во паника, дури и нивните луѓе од безбедносниот апарат и канцеларијата на Врховниот лидер. Тие сфатија дека не ја размислиле добро одлуката, па затоа повторно го вклучија интернетот – рече тој.

Веројатно постојат неколку причини зад последната забрана. Една од нив се протестите што избувнаа во западниот град Херат, откако Талибанците уапсија жени и девојки за, како што рекоа, „неправилно носење хиџаб“. За време на протестите талибанските сили наводно пукале врз толпата, убивајќи најмалку две лица.

Според аналитичарите, овој настан можеби дополнително го поттикнал воведувањето ограничувања.

– Снимките што се појавија по протестите во Херат предизвикаа огромна возбуда. Тие се обидоа да ја контролираат ситуацијата. На почетокот негираа сè и тврдеа дека ништо не се случило. Но, потоа снимките почнаа да се појавуваат – рече тој.

Сепак, Талибанците се залагаа за забрана на паметни телефони и пред протестите. Причините вклучуваат страв од протекување на информации и загриженост дека користењето мобилни телефони ја намалува продуктивноста на владините службеници.

Во покраината Херат во западен Авганистан, двајца владини службеници рекоа дека забраната за користење паметни телефони е на сила со месеци.

– Пред околу два месеци, ни рекоа да не носиме мобилни телефони на работа. Јас и неколку колеги не го сфативме сериозно. Ни ги одзедоа телефоните, а откако протестиравме, ги скршија – рече еден од нив.

Талибанците веруваат дека луѓето „постојано гледаат во своите мобилни телефони наместо да си ја работат својата работа“ и дека за паметните телефони нема место на работното место, додава аналитичарот.

Друг проблем за талибанските власти се бројните протекувања на информации. Според аналитичарите, државните службеници често фотографираат документи или снимаат состаноци со своите телефони, по што овие материјали стигнуваат до јавноста на еден или друг начин пред да бидат одобрени од врховниот лидер.

Поврзани содржини