📽️ КАНАДА ГО ПРЕГАЗИ КАТАР, МЕКСИКО ВЕЌЕ Е ВО ОСМИНАФИНАЛЕ Дејвид блескаше со хет-трик, Ромо донесе нова победа
Канаѓаните славеа со убедливи 6:0, додека Мексико со минимална победа над Јужна Кореја го завери пласманот во следната рунда
Канада и Мексико ги одбележаа натпреварите од второто коло на Светското првенство, откако забележаа важни победи и направија голем чекор кон нокаут-фазата.
На стадионот во Ванкувер, Канада приреди вистинска голеада против Катар и славеше со убедливи 6:0 во натпревар од групата Б. Најзаслужен за триумфот беше Џонатан Дејвид, кој постигна хет-трик и беше нерешлива енигма за катарската одбрана.
Канаѓаните поведоа преку Клај Ларин во 16 минута, а потоа Дејвид двапати погоди пред паузата. Во вториот дел мрежата на Катар продолжија да ја тресат Нејтан Салиба и автоголот на Мохамед Манаи, пред Дејвид да го комплетира хет-трикот во судиското продолжение.
Дополнителен проблем за Катар беа двата црвени картони, поради кои натпреварот го завршија со само девет фудбалери на теренот.
По две одиграни кола, Канада и Швајцарија имаат по четири бода и ќе решаваат за првото место во директен дуел во последното коло. Босна и Херцеговина и Катар имаат по еден бод и ќе водат битка за останување во игра.
Во групата А, Мексико ја продолжи победничката серија и со триумф од 1:0 над Јужна Кореја го обезбеди местото во осминафиналето.
Единствениот погодок на натпреварот го постигна Луис Ромо во 50 минута, што беше доволно Мексиканците да стигнат до максимални шест бодови по две кола.
Во истата група, Чешка и Јужна Африка ремизираа 1:1, па пред последното коло ситуацијата останува неизвесна во борбата за второто место.
Мексико е лидер со шест бодови, Јужна Кореја има три, додека Чешка и Јужна Африка освоија по еден бод.
Во последното коло ќе се сретнат Чешка и Мексико, односно Јужна Африка и Јужна Кореја.