АНБ И МВР РАЗБИЈА МРЕЖА ПОВРЗАНА СО ИСЛАМСКА ДРЖАВА Петмина осомничени за терористичко организирање

Претреси на повеќе локации во Скопје, одземена електронска опрема, за двајца осомничени определени мерки притвор, другите тројца веќе издржуваат затворски казни.

405

Во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), спроведена на 16 јуни под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје во рамки на предистражна постапка за кривичното дело „терористичка организација“.

Како што соопштија од АНБ, во акцијата биле опфатени пет лица за кои постои основано сомнение дека биле дел од организирана група поврзана со меѓународна терористичка мрежа. Притоа биле пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема, а против осомничените е поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.






За две лица се определени мерки притвор и домашен притвор, додека останатите тројца веќе издржуваат затворски казни или се наоѓаат во притвор за други кривични дела поврзани со тероризам.

Според информациите на АНБ, осомничените биле идеолошки поддржувачи на терористичката организација Исламска држава и во изминатиот период воспоставувале контакти со нејзини медиумско-пропагандни канали. Тие, наводно, работеле и на создавање локална мрежа преку која ширеле екстремистички и насилни наративи со цел поттикнување терористички активности во земјата.

Од Агенцијата наведуваат дека членовите на групата обезбедувале и логистичка поддршка за други лица кои претходно биле предмет на контратерористички операции.

Акцијата била реализирана врз основа на информации прибрани од АНБ, како и податоци добиени преку меѓународна безбедносна соработка.

– Агенцијата за национална безбедност останува посветена на својата примарна превентивна функција и на навремено спречување на ризиците и заканите по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните – се вели во соопштението на АНБ.

Поврзани содржини