ВО 7 КВАРТАЛИ ПО РЕД ЕКОНОМСКИОТ РАСТ Е НАД 3 ПРОЦЕНТИ Платите и буџетските приходи растат, јавниот долг се намалува
Македонија според стапката на раст се наоѓа меѓу водечките европски економии, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија 7 квартали по ред бележи економски раст над 3 проценти, што претставува јасна потврда дека државата се движи во правилна насока. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на финансиска стабилност, нови инвестиции и на одржлив економски раст, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие резултати се производ на одговорни политики насочени кон капитални инвестиции, привлекување странски директни инвестиции и силна поддршка на домашната економија. Политиките и мерките кои ги креира Владата на ВМРО-ДПМНЕ создаваат услови за нови работни места, економски развој и за повисок животен стандард“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Особено значајно е што Македонија според стапката на раст се наоѓа меѓу водечките европски економии, се додава во соопштението.
„Во исто време, просечната нето-плата е повисока за 8,2 проценти во однос на минатата година, што значи повеќе средства и подобри услови за живот на граѓаните. Потврда за позитивните економски движења се и 17.000 новоотворени работни места. Ова е доказ дека економијата создава нови можности за вработување и обезбедува перспектива за младите и за сите граѓани кои сакаат да ја градат својата иднина во Македонија. Во областа на јавните финансии се бележат исто така позитивни резултати. Јавниот долг се намалува, буџетските приходи растат, а средствата се насочуваат кон реализација на капитални проекти кои ќе придонесат за долгорочен развој на државата“, соопшти партијата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се додава во соопштението, останува посветена на одржување на финансиската стабилност, привлекување нови инвестиции и создавање услови за уште повисоки плати, пензии и подобар животен стандард.
„Резултатите се видливи, економијата расте, инвестициите се зголемуваат, се отвораат нови работни места и се создаваат услови за посигурна иднина. Македонија продолжува по патот на развојот и напредокот. Македонија забрзува“, порача ВМРО-ДПМНЕ.