ШВЕДСКА УСВОИ ЗАКОН ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНО „КОДОШЕЊЕ“ НА МИГРАНТИ БЕЗ ДОЗВОЛА ЗА ПРЕСТОЈ Кој не се однесува правилно, не може да остане

Шведскиот парламент ги изгласа двата контроверзни закони за правата на имиграцијата - еден закон им овозможува на властите да ги поништат дозволите за престој поради лошо однесување на мигрантите, а друг закон ги обврзува повеќето вработени во јавниот сектор да го пријават секој за кого се сомневаат дека престојува во Шведска без документи.

146

Шведскиот парламент доцна синоќа гласаше за заострување на законите за правата на имиграцијата – еден закон им овозможува на властите да ги поништат дозволите за престој поради лошо однесување, а друг закон ги обврзува повеќето вработени во јавниот сектор да го пријават секој за кого се сомневаат дека престојува во Шведска без документи.

Законите за „добро поведение“ и за „задолжително пријавување“ се изгласани  со тесно мнозинство од 174 гласа „за“ и 172 „против“.






Новата регулатива ќе се применува за идните баратели на азил, но и ретроактивно за сегашните жители. Се предвидува дека секој што ќе покаже „лошо однесување“, како на пример, неплатени долгови, не може да остане во Шведска.

„Законот за пријавување“ дополнително ги обврзува вработените во јавниот сектор да пријават во полиција доколку се сомневаат дека некое лице престојува во земјатра без соодветни документи.

Новото законодавство доаѓа пред парламентарните избори во септември и е дел од политиката на централно-десничарската влада, која зависи од поддршката на крајно десничарските Шведски демократи.

– Секој што не се однесува правилно не може да смета на останување – рече шведскиот министер за миграција Јохан Форсел во март кога го претстави законот.

Иако законот не прецизира кое однесување се смета за неприфатливо, владата претходно наведе примери како што се неплатени долгови, даночно затајување, криминал и врски со екстремистички организации.

Проверката на дозволите ќе ја врши Шведската агенција за миграција.

Законот беше остро критикуван од опозициските политичари и групите за човекови права, кои ги опишаа критериумите како произволни.

– Ова би довело до ризик дозволите за престој да бидат одбиени или поништени врз основа на однесување кое не е ниту нелегално ниту казниво за шведските граѓани – предупреди Амнести Интернешнл.

Заштитниците на граѓанските права со седиште во Стокхолм рекоа дека законодавството „го поткопува владеењето на правото“.

„Законот за добро поведение ги остава луѓето во незнаење за тоа какви дејствија или изјави би можеле да се користат против нив“, додадоа тие во соопштение.

Критичарите на таканаречениот „закон за кодошење“ предупредуваат дека тој негативно ќе влијае на физичкото и менталното здравје на мигрантите и значително ќе го зголеми ризикот од расно профилирање.

По острите критики од опозицијата и од организациите за човекови права од обврската за задолжително пријавување беа изземени лекарите, наставниците и социјалните работници. Сепак, вработените во даночните администрации, канцелариите за вработување и агенциите за социјално осигурување се меѓу оние кои ќе мора да ја известат полицијата доколку се сомневаат дека биле во контакт со луѓе без документи за престој.

Шведската влада долго време ги бранеше овие мерки, тврдејќи дека се неопходни за да се обезбеди дека оние на кои не им е законски дозволено да останат во Шведска можат да се вратат во своите матични земји.

Европската федерација на синдикати на јавните служби во понеделник ја отфрли идејата за принудување на работниците да дејствуваат како информатори. Јан Вилем Гудриан од синдикатот рече дека „сега не е време за уште еден лов на вештерки“. Наместо тоа, тој ги повика владите да се потсетат дека „јавните служби ќе престанат да функционираат без работници мигранти во Шведска и во многу земји-членки на ЕУ“.

– Новиот закон ќе поттикне клима на сомнеж, страв и расизам, а во исто време ќе го загрози фундаменталното право на азил на луѓето. Тој само ѝ дава легитимитет на крајната десница, која е премногу среќна што ги гледа своите најлуди соништа за масовен надзор, притвор и депортација како се остваруваат на сметка на етиката на јавната служба – рече тој.

Поврзани содржини