ИНВЕСТИЦИЈА ОД 20 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТИРЗ ТЕТОВО Ќе се отворат речиси 500 нови работни места
Компанијата „Џаво отомотив“ најави голем производствен капацитет во Македонија, со извоз од 45 милиони евра годишно.
Нова инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово, која се очекува да отвори речиси 500 работни места, објавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Како што рекоа Мицкоски и Дурмиши на прес-конференцијата во Владата, инвестицијата вредна 20 милиони евра е уште една потврда за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските вложувачи, но и за довербата што тие ја имаат во нашата економија.
– Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоечки објкект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да инвестира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и за деловната клима – истакна Мицкоски.
Годишниот планиран извоз на компанијата е 45 милиони евра.
Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании што носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.
– Покрај отворањето нови работни места, овој инвестициски проект ќе значи зголемен извоз, трансфер на нови технологии и дополнителна додадена вредност на македонската економија. По иницијалните преговори, кои траеја повеќе од една година, денес се испраќа јасна порака – дека Македонија и натаму е атрактивна дестинација за странските инвеститори – истакна Дурмиши.
Мултинационалната корпорација „Џаво отомотив“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили.
Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и во Словачка.