МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА РАСТЕ ЗА 4,3 ОТСТО Димитриеска-Кочоска вели дека може и повеќе

Растот во вториот квартал е поддржан од инвестициите, извозот, градежништвото, индустријата, трговијата и домашната потрошувачка, вели министерката за финансии.

2

Македонската економија во вториот квартал од годинава порасна за 4,3 отсто, што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го оцени како еден од најдобрите квартални резултати во последните две и пол години.

Во објава на Фејсбук, таа посочува дека поважно од самиот резултат е континуитетот на позитивните економски движења.






– Од раст од 1,6 отсто во првиот квартал од 2024 година, денес сме на 4,3 отсто. Тоа значи дека не зборуваме за еден добар квартал, туку за континуитет, за економија која расте и постепено добива сила. Дали е ова доволно? Не е – вели Димитриеска-Кочоска.

Според податоците за структурата на БДП, растот е забележлив во повеќе сегменти од економијата.

Бруто-инвестициите во вториот квартал се зголемиле за 16,5 отсто, извозот на стоки и услуги за 10,4 отсто, додека градежништвото пораснало за 21,9 отсто.

Позитивни движења, според министерката, има и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и угостителството. Растот е поддржан и од домашната потрошувачка.

Димитриеска-Кочоска посочува дека резултатот е постигнат во услови на умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици.

Растот од 4,3 отсто, според неа, е над просекот на Европската Унија, кој изнесува 1,2 отсто, како и над растот во еврозоната од 1 отсто.

Министерката најавува дека Владата и во следниот период ќе се фокусира на инвестициите, капиталните проекти и поддршката за приватниот сектор.

– Нашата политика е јасна – повеќе инвестиции и капитални проекти, силна поддршка на приватниот сектор, подобро и попредвидливо деловно опкружување и одговорно управување со јавните финансии – порача таа.

Според Димитриеска-Кочоска, повисок и одржлив економски раст не може да се постигне преку ноќ. Таа вели дека се потребни стабилност, предвидливост, доверба и континуитет во економските политики.

Целта, како што наведува, е растот да донесе повеќе инвестиции, посилни компании, нови можности и повисок животен стандард за граѓаните.

– Бројките ја покажуваат насоката. Наша обврска е да продолжиме по неа – порача министерката.

Поврзани содржини