ДУИ ИМАШЕ МИНИСТРИ ЗА ПРАВДА, НО НЕ ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ Мицкоски откри дека се бара одржливо решение за правосудниот испит
Премиерот вели дека Владата работи на трајно решение, а статистиката покажува дека 95 проценти од кандидатите Албанци досега успешно го полагале испитот на македонски јазик.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека министри за правда од редовите на ДУИ во претходните влади не сакале да го решат прашањето со полагањето на правосудниот испит, додека актуелната Влада работи на изнаоѓање одржливо решение за надминување на проблемот.
Во интервју за Алсат телевизија, Мицкоски посочи дека уште од самиот почеток има јасен став дека теоретскиот дел од правосудниот испит треба да може да се полага и на јазиците на кои државата дозволила да се одвива високо образование.
– Од прв ден сум го кажал тоа и стојам зад ставот дека ако државата дозволила да се формира високо образование на јазик различен од македонскиот, како што се албанскиот, турскиот и англискиот, тогаш не гледам причина теоретскиот дел од правосудниот испит да не се полага и на некој од тие јазици – изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека ставот на Венецијанската комисија е оти во правосудството мора да постои еден заеднички јазик – „лингва франка“, но оцени дека тоа не е во спротивност со можноста теоретскиот дел од испитот да се полага и на друг јазик.
– Статистиката е немилосрдна и покажува дека речиси 95 отсто од кандидатите Албанци кои досега го полагале правосудниот испит, и теоретскиот и практичниот дел, на македонски јазик, успешно го положиле. Тоа значи дека апсолутно не станува збор за дискриминација – рече Мицкоски.
Тој додаде дека сегашниот закон не го уредува начинот на полагање, туку му остава можност на министерот за правда преку подзаконски акт да ги регулира овие прашања.
– Изминатите години повеќе министри Албанци од редовите на ДУИ не сакале да го решат овој проблем. Оваа Влада има желба и работи на тоа да најде начин како тој да биде надминат. Министерот Филков е дел од Владата што бара решение, за разлика од претходните влади – истакна премиерот.