ВУЧИЌ ЌЕ СЕ „СПАКУВА“ ЗА ДА ТРЧА ЗА ПРЕМИЕР НА СРБИЈА Најави оставка за 3 до 4 месеци

Почнав да ги пакувам книгите од претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат на некоја институција, сѐ уште размислувам која, рече претседателот на Србија најавувајќи ја својата оставка и кандидатурата за премиер.

245

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека за три до четири месеци ќе поднесе оставка на функцијата.

Во интервју за Радио Белград рече дека веќе почнал да ги пакува книгите од претседателскиот кабинет и дека дел од нив ќе ги донира на институција која допрва ќе ја избере.






– Почнав да ги пакувам книгите од претседателството. Ќе донирам 1.200 што ги добив за време на мојот мандат – рече Вучиќ.

Тој појасни дека нема да зборува за скратување на мандатот, туку за оставка, по што ќе следуваат вонредни парламентарни избори.

Вучиќ најави дека на 27 јуни во Белград ќе биде претставена листата на Српската напредна странка за претстојните избори.

– Избори ќе има за неколку месеци. Дали ќе бидат за три или четири, тоа е техничко прашање. Нема да има избори во јули или август – рече тој.

Според него, тогаш ќе бидат претставени и програмата и новото име на изборната листа на СНС.

Вучиќ откри дека секојдневно размислува за можноста самиот да се кандидира за премиер.

Воедно најави дека идниот кандидат за претседател на Владата ќе биде „поодговорен, пообразован и поенергичен“.

– Тој сигурно ќе биде пообразован од нивните двајца кандидати, Владан Ѓокиќ и Дејан Бодирога – рече српскиот лидер.

Тој додаде дека на собирот на 27 јуни се планирани и активности за најмладите посетители.

Поврзани содржини