НА БАЛКОН ЧУВАЛА МАЧКИ ВРЗАНИ СО ЈАЖЕ Жена од Солун уапсена и казнета со 17.600 евра
Полицијата во Солун ја приведе 49-годишната сопственичка, а покрај апсењето ѝ изрече и висока парична казна поради прекршување на Законот за заштита на животните.
Четириесет и деветгодишна жена од Солун е уапсена откако полицијата открила дека на балконот од нејзиниот стан чувала три мачки врзани со јаже.
Според грчките медиуми, случајот бил откриен вчера попладне, по што полицијата веднаш интервенирала и ја привела жената.
Покрај апсењето, против неа биле изречени и административни казни во вкупен износ од 17.600 евра поради прекршување на Законот за заштита на животните.
Жената ќе биде изведена и пред надлежен јавен обвинител, кој ќе одлучува за понатамошната постапка.
Грција во 2021 година усвои построг закон за заштита на животните и домашните миленици, со кој се предвидени високи парични казни и кривична одговорност за случаи на злоупотреба и малтретирање на животни.