КОЛКУ НОВИ ЖРТВИ КОШТА БИЛЕТОТ ЗА БРИСЕЛ? Тоа е прашањето на кое Македонците очекуваат одговор од Антонио Кошта, првиот човек на ЕУ

Од посетата на Кошта не треба да се очекува чудо. Извесно е дека Македонија ќе добие порака дека мора да ја исполни обврската за внесување на Бугарите во Уставот. Но, извесно е и тоа дека првиот човек на ЕУ од домаќините ќе добие јасна порака дека Скопје не верува дека тоа е последниот проблем од билатералниот спор со Софија. Она што е важно е дека сè повеќе европски лидери признаваат дека сегашниот систем на проширување на ЕУ е ранлив на билатерални блокади кои немаат директна врска со европските критериуми и стандарди.

0

Кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во вторник на 2 јуни ќе пристигне во Скопје, во рамките на својата балканска турнеја, во фокусот формално ќе бидат европските реформи, но клучната тема сепак е проширувањето на Унијата и подготовките за претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан. За властите во Македонија клучно е прашањето дали Брисел почнува да ја менува својата перцепција за македонскиот застој на европскиот пат и дали конечно се отвора дебата за недостатоците на самиот процес на проширување.

Во изминатите две години, европските претставници речиси без исклучок ја повторуваа истата порака – уставните измени за внесување на Бугарите се неопходниот чекор за продолжување на пристапните преговори. Таа позиција официјално не е променета. Но, цврстиот став на властите во Скопје и поддршката што пристигнува од европски државници и официјални лица донекаде го сменија европскиот дискурс во поглед на ова прашање.






Офанизавата на Радев во Брисел и во Париз не беше случајна

Не беше случајна ни неодамнешната дипломатска офанзива на бугарскиот претседател Румен Радев. Во пресрет на самитските средби меѓу Европската унија и Западен Балкан, Радев престојуваше во Париз и во Брисел, каде што разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон и со водечки претставници на европските институции. Иако официјално темите беа пошироки – европската безбедност, одбраната и иднината на Унијата – во Софија овие средби се толкуваат и како обид Бугарија да обезбеди поддршка за своите позиции околу Македонија и да спречи евентуални иницијативи што би довеле до ревизија на договорената преговарачка рамка. Бугарското раководство во континуитет инсистира дека не постои билатерален спор, туку прашање на исполнување на веќе преземените европски обврски од страна на Скопје, став што Радев го повторува во речиси сите свои меѓународни настапи.

Сепак, политичкиот контекст во кој доаѓа Кошта денес е значително поинаков од оној во 2022 година, кога беше усвоена таканаречената француска рамка. Најважната промена е што во самата Европска унија сè погласно се зборува дека сегашниот модел на проширување не функционира доволно ефикасно.

Имаат ли иднина идеите на Мерц?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц веќе отвори значајна дебата за нови форми на интеграција, кои би овозможиле земјите-кандидати постепено да се вклучуваат во европските политики и институции уште пред полноправното членство. Во Брисел се разгледуваат различни концепти: од поширок пристап до единствениот европски пазар, до модели на фазно членство и постепено преземање на правата и обврските што ги носи Унијата.

Овие идеи не се појавуваат случајно. Војната во Украина, растечкото руско и кинеско влијание во регионот и потребата ЕУ да ја зацврсти својата геополитичка улога создадоа силен притисок проширувањето да добие нова динамика. Истовремено, сè повеќе европски лидери признаваат дека сегашниот систем е ранлив на билатерални блокади кои немаат директна врска со европските критериуми и стандарди.

Само Филипче не гледа дека Софија го оспорува македонскиот идентитет

Токму тука извира најсилниот македонски аргумент. Владата во Скопје веќе подолго време тврди дека проблемот не се само уставните измени, туку отсуството на гаранции дека по нивното усвојување нема да следуваат нови услови од Софија. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, засега е единствениот македонски политичар кој верува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е последната пречка на патот кон ЕУ, па затоа инсистира на референдум за ова прашање. За разлика од него, сите други се свесни за фактот дека уставните измени се само уште една станица во процес кој може повторно да биде блокиран од билатерални спорови.

Бугарските позиции во последните години не се ограничуваат само на прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Во повеќе декларации усвоени од бугарското Народно собрание, како и во јавните настапи на претседателот Румен Радев и други високи функционери, се отвораат и прашања поврзани со историското наследство, јазикот и националниот идентитет. Дел од бугарските политичари и историчари отворено зборуваат за потребата од надминување на „македонизмот“, термин што во бугарскиот политички и академски дискурс често се користи за означување на процесот на формирање на современиот македонски национален идентитет по Втората светска војна.

Токму ваквите позиции во Македонија создаваат сомнеж дека спорот не се однесува само на правата на бугарската заедница, туку и на прашања што задираат во јазичниот, историскиот и националниот идентитет на Македонците. Во прилог на ваквите стравувања често се наведуваат и неодамнешните дипломатски активности на Софија насочени кон отстранување на референците за „македонскиот јазик“ и „македонскиот идентитет“ од документи на европските институции, што дополнително ја продлабочи недовербата во македонската јавност.

Европски лидери сега поинаку гледаат на „македонското прашање“

Како и да е, во последните месеци може да се забележи и суптилна промена во тонот на дел од европските политичари кон „македонското прашање“. Сè почесто се слушаат оценки дека Македонија во изминатите две децении направила повеќе отстапки отколку која било друга земја-кандидат. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е меѓу европските лидери кои јавно укажуваат дека земјата заслужува напредок поради компромисите што ги направи, предупредувајќи дека кредибилитетот на ЕУ трпи штета кога договорените услови постојано се надградуваат со нови барања.

Во меѓувреме, и приказната за „брзата лента“ по која наводно се движат Албанија и Црна Гора се покажува како посложена отколку што изгледаше пред една година. Иако двете земји формално напредуваат во преговорите, сè уште постојат сериозни предизвици и отворени прашања. Амбициозните најави дека некои кандидати би можеле да станат членки уште до крајот на деценијата денес изгледаат помалку извесни отколку што се претставуваше во оптимистичките изјави од Брисел.

Опасна е билатерализацијата на европската агенда

Тоа значи дека посетата на Кошта не треба да се гледа само низ призмата на македонско-бугарскиот спор. Таа доаѓа во време кога Европската унија бара нова формула за проширување, а Македонија се наоѓа во центарот на дебатата за тоа колку е праведен и предвидлив сегашниот пристапен процес. Земјата практично стана пример што често се споменува кога се зборува за опасностите од билатерализација на европската агенда.

Реално е да не се очекува драматичен пресврт по средбите во Скопје. Кошта најверојатно ќе ја повтори поддршката за европската перспектива на Македонија и ќе инсистира на исполнување на преземените обврски. Мицкоски, според очекувањата, ќе ја повтори македонската позиција. Но, многу поважно од формалните пораки ќе биде дали ќе се почувствува подготвеност во Брисел да се разговара за механизми кои би го направиле процесот поотпорен на политички блокади и пофер кон земјите-кандидати.

Ако до пред неколку години во Европа доминираше ставот дека проблемот е исклучиво во Македонија, денес сè повеќе европски политичари признаваат дека предизвикот е поширок. Прашањето што стои пред Европската унија повеќе не е само како Македонија да ги исполни условите за членство, туку и како Унијата да го зачува кредибилитетот на сопствената политика на проширување. Во Скопје, пак, сè почесто се поставува и прашањето дали Брисел воопшто ја сака Македонија во европското семејство и колку уште од националното достоинство ќе треба да жртвуваат Македонците за да ги задоволат апетитите на своите соседи.

Поврзани содржини