УЧИЛИШНАТА КОШНИЧКА ПОД ЛУПА НА ИНСПЕКТОРИТЕ Ристески најави казни за трговците што ќе ја изигруваат мерката

Мерката „Училишна кошничка“ ќе важи до 30 септември, а според Ристески досега не се утврдени поголеми неправилности при контролите.

0

Мерката „Училишна кошничка“ се спроведува непречено, а Државниот пазарен инспекторат врши контроли на продажните места низ земјава, информираше денеска во Прилеп заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Тој посочи дека инспекторите контролираат околу 600 пунктови каде што се продава училишен прибор и најави санкции доколку бидат утврдени неправилности.






– Училишната кошничка, која нуди од 10 до 15 проценти поевтин училишен прибор и ранци, се спроведува непречено. Инспекторатот будно следи околу 600 пунктови во Македонија и нема да дозволи никакво изигрување на мерката. Ова е само една од владините мерки за заштита на стандардот и одржување на ниско ниво на инфлација – изјави Ристески.

Мерката годинава се спроведува трета година по ред и ќе трае до 30 септември. Со неа, трговците на големо се задолжени да ги намалат цените на опфатениот училишен прибор за најмалку 10 проценти, додека кај трговците на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти.

Мерката опфаќа производи како ранци и училишни торби, тетратки, блокови, колажи, моливи, пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, фломастери, линијари и дидактички материјали.

Ристески рече дека како референтни се земаат цените од 1 јуни, а производите опфатени со мерката треба да бидат означени со посебни ознаки, односно „воблери“, на кои се прикажани старата и намалената цена.

Според владините пресметки што ги презентираше Ристески, за едно дете семејниот буџет може да заштеди од 500 до 1.500 денари, во зависност од тоа што ќе биде купено.

– Симулацијата која ја направивме пред одлуката за кошничката укажува на тоа дека, ако еден ученик купува само училишен прибор, семејството ќе заштеди од 500 до 1.000 денари. Доколку во набавката е вклучен и училишен ранец, во зависност од неговата големина и цена, заштедата може да достигне до 1.500 денари. За две деца, заштедата во семејниот буџет би била од 2.000 до 3.000 денари – рече Ристески.

Тој додаде дека целта на ваквите мерки е да се намалат трошоците за семејствата и да се заштити животниот стандард.

Ристески информираше дека Државниот пазарен инспекторат има формирано повеќе од 40 тимови кои вршат контроли на продажните места.

– Само за оваа одлука, Инспекторатот има формирано 40 тимови кои ќе посетат околу 600 пунктови каде што се продаваат училишен прибор и училишни ранци. Не се пронајдени големи пропусти. Само на почетокот имаше пропусти околу воблерите, но по укажувањата и опомените, тие грешки се исправени. Нема да оставиме простор да се изигрува оваа одлука. Онаму каде што ќе бидат пронајдени пропусти, ќе следуваат и соодветни казни – посочи Ристески.

Одговарајќи на прашање за состојбата со инфлацијата, Ристески оцени дека „Училишната кошничка“ е само еден дел од владините мерки за заштита на животниот стандард.

Тој се осврна и на економските показатели, посочувајќи го растот на бруто-домашниот производ и намалувањето на инфлацијата.

Според последните податоци, македонската економија во вториот квартал од 2026 година остварила раст на БДП од 4,3 проценти. Истовремено, годишната инфлација во јули изнесувала 2,3 проценти, по 4,8 проценти во мај и 3,4 проценти во јуни.

– Сите податоци од Државниот завод за статистика потврдуваат и укажуваат на исправна економска политика на Владата. Со квартален раст на БДП од 4,3 проценти, со ниска инфлација од 2,3 проценти измерена во текот на минатиот месец во однос на јули минатата година, со пораст на индустриското производство, со многу капитални инвестиции, со 18.000 нови отворени работни места и со голем број други показатели, оваа Влада покажува дека има капацитет да се справува со светските економски кризи и, колку што може, да го штити животниот стандард и кревката економија во Македонија – изјави Ристески.

Тој додаде дека Владата и покрај позитивните показатели не е задоволна од постигнатото и дека ќе продолжи со мерки за подобрување на економските параметри.

– И покрај добрите податоци, ние не сме задоволни. И понатаму, како Влада, ќе правиме овие параметри да бидат уште подобри во интерес на граѓаните и стопанските субјекти – порача заменик-министерот.

Поврзани содржини