МИЛОШОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Македонија не смее да ризикува без сигурен пат кон ЕУ
Милошоски во гостување на Сител порача дека уставни измени се прифатливи само со јасни гаранции за членство во ЕУ и заштита на националниот идентитет.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во гостување во централниот Дневник на Сител порача дека партијата останува на ставот оти уставни измени не треба да се носат доколку тие не носат јасна европска перспектива и конкретни гаранции за членство во Европската Унија.
Милошоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа промени кои, како што рече, би ја однеле државата во нова неизвесност без сигурен исход.
– По однос на тоа прашање ние сме јасни, сме го искажале нашиот став. Ние не сметаме дека уставните измени треба да се направат, а притоа таквиот чекор да не однесе во неизвесност и да бидат направени за нешто за коешто не може да ја постигнете целта – изјави Милошоски.
Тој потсети и на претходни уставни измени, наведувајќи дека, според него, ветувањата тогаш не биле исполнети.
– Ние веќе едни такви уставни измени имавме. Тогаш СДСМ и ДУИ ги промовираа како уставни измени по однос на уставното име на Република Македонија, дека тоа ќе ги отвори вратите на ЕУ, дека ќе има бесплатно здравство, бесплатни вакцини, стипендии, беше таа една голема кампања, но видовме дека наместо отворање на поглавјата и преговори со ЕУ, ние добивме затворена врата пред нос од страна на Франција, а потоа од и од соседна Бугарија – рече тој.
Милошоски истакна дека Македонија не смее повторно да влегува во процес на уставни измени без, како што наведе, цврсти и јасни гаранции за зачувување на националниот идентитет, јазикот и историската посебност.
– Поучени од тоа искуство, сметаме дека би било лековерно да се оди во уставни измени, а притоа да немате извесност во процесот дека ќе си зачувате своја национална посебност и дека ќе стигнете до целта како полноправна земја членка на ЕУ – додаде Милошоски.