КАДАРОТ НА ФИЛИПЧЕ, ЗАЕВ И НА АХМЕТИ ИСПОРАЧУВА ЗА БАНДАТА Милошоски побара оставка од Ислам Абази по запирањето на истрагата за ТЕЦ Неготино

Обвинителството вели дека немало докази, а Милошоски прашува: зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?

0

ВМРО-ДПМНЕ го повика шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, веднаш да поднесе оставка откако денеска Обвинителството соопшти дека ја запира истрагата во предметот поврзан со набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, вреден 167 милиони евра, во која беа вклучени бегалецот Васко Ковачевски, синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски.

– Ислам Абази, соседот на Али Ахмети од Зајас, си ја одработува добиената функција шеф на ОЈО ГОКК, и по насока на триото Филипче, Ахмети и Заев, донесе одлука да се запре судска постапка во која осомничени меѓу другите беа и членот на СДС и бегалец од правдата Васко Ковачевски, и синот на пратеник од ДУИ, Асмир Јахоски и Ратко Капушевски. Целата јавност во овој скандалозен случај, виде перење пари, криминал и труење на животната средина, само Ислам Абази не виде ништо. Постапката е запрена. Бегалецот е слободен. Довербата во правосудството од 2 проценти, со обвинители како Ислам Абази ќе падне и на 1 процент – реагира денеска на прес конфренеција Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Обвинителството вели дека немало докази, а Милошоски прашува: зарем бегството на Васко Ковачевски не е доказ или силна индиција дека осомничениот бега од правдата?

– Ковачевски не е во Македонија. Побегна кон крајот на 2024 година и оттогаш за органите на прогонот не е достапен. И наместо тоа да биде дополнителна индиција и мотив Обвинителството да го води овој случај, за обвинителот Абази тоа стана решение да го затвори овој случај. Нема присутен обвинет, нема водење постапка, особено не ако припаѓаат на спонозорите на Ислам Абази. Ова е трагичната шема по која работат остатоците од власта на СДС и ДУИ во судството и обвинителството – рече Милошоски.

Тој потсети дека Антикорупциската комисија утврдила дека на фирмата РКМ ѝ биле платени повеќе пари за помалку доставен мазут. Дури 18.000 тони помалку мазут е скапо наплатен. Парите отишле во нечии џебови, а мазутот не дошол. Сега кажуваат дека нема штета. Дека сè било законски исклучок. Дека енергетската криза оправдувала секаква постапка. Но ниедна енергетска криза не оправдува анекси кои менуваат услови во корист на ист добавувач и плаќање на недоставен мазут.

– Дали дел од тие пари отишле кај менторите на Ислам Абази како обвинител? – прашува Милошоски.

Тој постави три прашања за кои очекува одговор:

– Прво, зошто Ислам Абази одлучи да ја запре оваа постапка и врз основа на чија проценка? Дали проценката е правна или лукративна? Второ, зошто запирањето дојде токму сега, додека Ковачевски е надвор од земјата и е недостапен за органите на прогонот? И трето, дали некој воопшто го побарал сведочењето на сите засегнати страни пред да се донесе оваа контраверзна и лукративна одлука?

Милошоски порача дека Ковачевски треба се врати и да одговара, ако е невин да докаже тоа пред судот.

– Ние нема да го затвориме овој случај само затоа што Ислам Абази одлучи на контроверзен начин да го затвори ова досие – заклучи Милошоски.

Поврзани содржини