ОПЕРИ ОД ПУЧИНИ И ОД ВЕРДИ НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ Врвна уметност од 9 до 31 мај во Националната опера и балет
Седум оперски претстави од Пучини и од Верди, од кои две првпат во една вечер, како и еден балет, се на програмата на годинашниот 54. фестивал „Мајски оперски вечери“, кој традиционално се одржува од 9 до 31 мај во Националната опера и балет.
Фестивалот ќе почне в сабота со две оперски претстави од Џакомо Пучини – премиерите на „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, откако фестивалскиот оган ќе го запали нашата сопранистка со меѓународна кариера Ана Дурловски.
Следниот термин на МОВ е 13 мај, кога ќе биде изведена Вердиевата опера „Риголето“. Потоа на програмата се и: „Тоска“ од Пучини (16 мај), „Мадам Батерфлај“ на Пучини (20 мај) и Вердиевите опери „Травијата“ (27 мај) и „Набуко“ – со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот. На програмата е и балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајовски, кој ќе биде изведен на 22 мај.
Директорот на Националната опера и балет, Оливер Арсовски, на прес-конференција денеска во пресрет на отворањето на фестивалот истакна дека за нив тој не е само уште една сезона и програма со претстави, туку е момент кога Националната опера и балет го покажува својот капацитет, својата визија и одговорност кон културата и публиката.
– Оваа година подготвивме репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија. Секоја од претставите на програмата носи различна емоција и заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. „Мајките оперски вечери“ се и огледало на институцијата, кое покажува колку сме подготвени да работиме посветено, да поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени – истакна Арсовски.
Успешно фестивалско издание на организаторите им посака министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој на прес-конференцијата истакна дека „Мајските оперски вечери“ не се само уште еден културен настан во календарот туку симбол на континуитет, квалитет и амбиција, показател за тоа каде се наоѓа македонската култура денес и кон што се стреми. Тој посочи дека публиката доаѓа на овој фестивал со очекување да доживее врвна уметност, а дека сцената возвраќа со емоција, страст и извонредност.
– Токму затоа, Мајските оперски вечери се културна порака дека оваа земја има капацитет, има талент и има визија да создава настани што се рамноправни со европските. Како Министерство за култура и туризам, ние не ја гледаме оваа манифестација само како традиција што треба да се одржи. Ја гледаме како инвестиција во квалитет, во меѓународна видливост и во културен идентитет. Поддршката што ја даваме не е формална, таа е суштинска, стратешка и насочена кон тоа секоја следна година стандардите да бидат уште повисоки. Годинашното издание е доказ за тоа. Внимателно избраниот репертоар, кој ги обединува безвременските дела на Верди и Пучини со нови продукциски пристапи, покажува дека традицијата и современоста може да одат рака под рака. Присуството на врвни уметници од меѓународната сцена, заедно со нашиот извонреден ансамбл, создава продукција што не е само национална, туку европска по својот квалитет – истакна Љутков.