ЌЕ СЕ РЕОРГАНИЗИРААТ 12 КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ Љутков негира дека се стопирани вработувања

Министерот посочи дека процесот се однесува на вкупно 12 институции, а не само на ансамблот во Тетово, наведувајќи дека во слична состојба се и други установи, како „10 дена Крушевска Република“, Смилевскиот конгрес и Камерниот оркестар во Битола.

0

Владата не планира укинување на културните институции, туку нивна реорганизација со цел подобрување на условите за работа и поефикасно користење на ресурсите, истакна денеска во Собранието министерот за култура и туризам Зоран Љутков одговарајќи на пратеничко прашање за состојбата со музичкиот ансамбл во Тетово.

Тој нагласи дека во Националната стратегија за развој на културата 2026–2030 не се предвидува затворање на институции, туку „разумна рационализација“ на установи кои, како што рече, биле формирани во минатото без анализа, без систематизација и без обезбедени кадровски и просторни услови.






– Не ги укинуваме институциите, туку ги реорганизираме во рамки на установи каде што има потреба од кадар. Целта е да им се обезбедат подобри услови за работа – истакна Љутков.

Министерот посочи дека процесот се однесува на вкупно 12 институции, а не само на ансамблот во Тетово, наведувајќи дека во слична состојба се и други установи, како „10 дена Крушевска Република“, Смилевскиот конгрес и Камерниот оркестар во Битола.

Во однос на вработувањата, Љутков негираше дека се стопирани, истакнувајќи дека таква негова изјава не постои. Тој појасни дека со реорганизацијата административниот и техничкиот кадар ќе се преземе од Центарот за култура во Тетово, додека за уметничкиот кадар ќе се овозможи ново вработување.

– Ансамблот ќе се зголеми и ќе функционира во рамките на Центарот за култура во Тетово, каде што и припаѓа – рече министерот.

Тој додаде дека целта на реформите е да се надминат пропустите од минатото и да се воспостави пофункционален систем во културниот сектор, со подобро искористување на капацитетите на постојните институции.

Поврзани содржини