СО РАКЕТИ ПОГОДЕН ТАНКЕР КАЈ ЕМИРАТИТЕ Нападнат и товарен брод
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека ќе ја почнат операцијата „Проект слобода“ за ослободување на бродовите од неутралните земји кои се заглавени во Ормускиот Теснец.
Танкер пријавил дека е погоден со ракети од непознато потекло додека пловел на околу 78 наутички милји северно од градот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати, објави денеска Британската поморска трговија (UKMTO).
Сите членови на екипажот се безбедни, објави UKMTO и додаде дека нападот не предизвикал влијание врз животната средина.
Во неделата помали бродови нападнаа товарен брод во Ормускиот Теснец, објави претходно британската служба.
По почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран на 28 февруари, Техеран ја презеде контролата врз Ормускиот Теснец и речиси целосн го запире сообраќајот на оваа морска рута низ која минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта и на гас.
Минатиот месец, откако не успеа првата рунда мировни преговори, американските сили воведоа блокада на иранските пристаништа.
Според Меѓународната поморска организација, стотици бродови и околу 20.000 морнари се заглавени во теснецот од почетокот на конфликтот.
Во неделата, претседателот Доналд Трамп објави дека САД ќе ја почнат „спасувачка“ операција „Проект слобода“ во понеделник наутро за ослободување на бродовите од неутралните земји кои се заглавени во теснецот.