ФИЛИПЧЕ ЈА ПРОДОЛЖУВА ПОЛИТИКАТА НА ЗАЕВ Жестоки обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека лидерот на СДСМ е подготвен за уставни измени без гаранции и дека ја манипулира јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека опозициската СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче се во тотален хаос и настапуваат без јасна стратегија и концепт.
Во партиското соопштение се наведува дека Филипче „декларативно е проевропски, но реално е без правец и стратегија, обидувајќи се да ја скријат паниката и нервозата поради колапсот на сопствениот рејтинг“, како и дека се обидува да се претстави како арбитер за европскиот пат без да поставува црвени линии.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче е подготвен за уставни измени „веднаш, без услови и без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка за државата“, оценувајќи дека тоа претставува продолжение на политиката на отстапки.
„Венко Филипче е спремен да ги распродава националните интереси исто како неговиот ментор Заев, само за да си ја зачува фотелјата на Бихачка и да дојде до власт. Филипче отворено најавува подготвеност за уставни измени веднаш, без услови и без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка за државата. Тоа е конзистетност на истата политика на отстапки како Зоран Заев и останатите кои поради нивната сервилност, ја ставија Македонија во ситуација да се соочува со блокада на патот кон ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата дополнително го обвини Филипче дека манипулира со јавноста преку, како што велат, спинување на изјави од европски претставници, како и дека СДСМ „со месеци ширел невистини“ за средствата од ИПАРД програмата.
„Граѓаните заслужуваат чесна политика, јасни позиции и заштита на националните интереси. СДСМ и Филипче не го нудат тоа“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.