АВТОМОБИЛ ИЗЛЕТА ОД АВТОПАТ СКОПЈЕ–ВЕЛЕС Шест лица извлечени од тешко достапен терен

Полицијата, пожарникарите и Итната помош со координирана акција извлекоа шест лица од возило што излетало од автопатот кај Велес.

164

На автопатот Скопје–Велес, кај месноста „Манастири“, шест лица биле извлечени од возило кое излетало од коловозот, откако полицијата и спасувачките служби интервенирале на тешко пристапен терен.

Несреќата се случила денеска, кога во полиција било пријавено дека патничко возило „Сеат“, управувано од 68-годишен велешанец, излетало од автопатот. Во возилото имало уште пет сопатници.

На местото веднаш пристигнале полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот, кои го пронашле возилото надвор од патот и започнале акција за извлекување на повредените. Поради непристапниот терен, интервенцијата била отежната, но со координирана акција сите лица биле безбедно извлечени.

Во спасувањето се вклучиле и екипи од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, три тима на Итна медицинска помош и служби од ЈП Македонија Пат.

Повредените биле пренесени во болницата во Велес, каде што им била укажана лекарска помош. Според првичните информации, сите се надвор од животна опасност.

Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Скопје, а причините за излетувањето дополнително ќе се утврдуваат.

Од полицијата апелираат до возачите да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината на условите на патот, со цел да се избегнат вакви несреќи.

Поврзани содржини