ГОЛЕМ ТЕНДЕР ЗА 150 АВТОБУСИ И 75 ПОЛНАЧИ Икарус и ЕВН избрани како најповолни
По елиминација на три понуди, избран е конзорциум што ќе испорача 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење во наредните 18 месеци.
Владата прави чекор кон модернизација на јавниот превоз, откако Министерство за транспорт објави дека е направен прелиминарен избор за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење.
По разгледување на четири понуди, стручната комисија оценила дека три компании не ги исполнуваат условите, па како најповолен понудувач е избрана заедничката понуда на унгарската компанија Електробус Икарус и австриската ЕВН.
Според информациите, избраните компании понудиле цена од околу 314.000 евра по автобус, што се оценува како конкурентна на европскиот пазар. Во рамки на договорот, Икарус ќе ги испорачува автобусите, додека ЕВН ќе ги обезбеди станиците за полнење.
Новите автобуси треба да имаат моќност од најмалку 300 kW и капацитет за минимум 66 патници, како и автоматски систем за греење и ладење. Дополнително, избраниот оператор ќе биде задолжен за одржување и сервисирање на возилата во наредните 10 години.
Испораката ќе се одвива во три фази – првите 30 автобуси во рок од шест месеци, потоа 60 во рок од една година и уште 60 во рок од 18 месеци од потпишување на договорот.
Овој проект се смета за еден од клучните чекори кон воведување еколошки јавен превоз и намалување на загадувањето во урбаните средини.
По донесувањето на одлуката, предвиден е рок од 10 дена за евентуални жалби од останатите учесници во постапката.