СТРУЖАНИ БЕЗ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА Цел месец сандачињата празни, граѓаните стравуваат од камати

Граѓаните на Струга не добиле сметки за струја цел месец. ЕВН тврди дека фактурите се испратени, додека од Пошта засега нема одговор.

0

Голем дел од граѓаните на Струга и околните села сѐ уште ги чекаат сметките за потрошена електрична енергија од минатиот месец. Додека долговите се таложат, стружани стравуваат дека, иако не по нивна вина, ќе бидат принудени да се соочат со исклучување и плаќање камати.

До редакцијата на Плусинфо пристигнаа бројни поплаки од револтирани жители, кои се жалат дека сѐ уште не знаат колкав долг за струја имаат за минатиот месец, бидејќи фактурите физички никогаш не пристигнале до нив.

Се обративме до двете клучни институции одговорни за овој процес – ЕВН Македонија и Македонска пошта, со цел да дознаеме каде „заглавиле“ фактурите.

Од ЕВН Македонија тврдат дека сметките се уредно издадени. Велат дека од нивна страна процесот на фактурирање се одвива тековно и без застој. Од компанијата апелираат дека, доколку сметката физички не стигне до домот на корисниците, тие имаат повеќе можности да ја обезбедат преку различни канали.

– Фактурите за електрична енергија се изготвуваат и навремено се предаваат за достава во рамки на предвидените законски рокови. Доколку корисници во одредени реони се соочуваат со доцнење на доставата на хартиените фактури, потсетуваме дека можат да ги проверат и платат преку платформата „Мој ЕВН Хоме“, без да ја чекаат физичката достава. Дополнително, корисниците може да се пријават за услугата „Е-фактура“ за да ги добиваат фактурите директно на нивната електронска адреса, со што се избегнуваат ваквите ситуации поврзани со физичката достава – ни одговорија од ЕВН.

Оттаму додаваат дека корисниците може да се обратат и во Корисничките енерго центри или телефонски на 02 3205 000.

Со прашање се обративме и до Македонска пошта, но засега нема одговор зошто жителите на Струга и околината се соочуваат со проблеми во доставата на сметките за електрична енергија. Веднаш штом ќе добиеме одговор, ќе го пренесеме нивниот став во врска со овој проблем.

Додека се чека системско решение за овој, како што велат граѓаните, „стар проблем“, се препорачува користење на услугите што ги нуди ЕВН како најсигурен начин за навремено информирање и плаќање, со што би се избегнале дополнителни трошоци за камата или повторно приклучување.

Поврзани содржини