📽️ 📷 ПО ГОДИНИ ЗАСТОЈ, МОСТОТ НА ЉУБЉАНСКА СЕ ПУШТА ВО УПОТРЕБА Ѓорѓиевски најави големо олеснување за сообраќајот во Скопје

По години застој, започнува финалната фаза од изградбата на мостот на „Љубљанска“, кој ќе ги поврзе северниот и западниот дел од Скопје и ќе го растовари сообраќајот.

499

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека мостот на улицата Љубљанска конечно ќе биде ставен во функција, по години застој на проектот.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски истакна дека започнува финалната фаза од реализацијата на проектот за поврзување на Љубљанска со улицата Скупи, со што ќе се овозможи нова сообраќајна врска преку реката Вардар.

„Довербата што ја добив од граѓаните за мене е обврска да се работи и да се решаваат проблемите што со години стоеле заглавени. Денес можам да информирам дека овој важен мост конечно ќе биде ставен во функција“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека станува збор за проект од големо значење за градот, кој ќе овозможи подобра поврзаност меѓу северниот и западниот дел на Скопје.

„Со неговото завршување, граѓаните ќе добијат побрз и побезбеден пристап до Злокуќани, Бардовци и индустриската зона, а воедно ќе се растоварат булеварите Партизански одреди и Илинденска“, посочи градоначалникот.

Според него, проектот претходно бил стопиран поради потребата од дозвола од надлежните институции за заштита на локалитетот Скупи, но сега таа е обезбедена и градежните работи продолжуваат со засилен интензитет.

„Со сериозна работа и одговорен пристап обезбедивме дозвола, го заштитивме културното наследство и продолжуваме со реализација на проектот“, додаде Ѓорѓиевски.

Паралелно со изградбата, најавено е и ново сообраќајно решение на влезот во овој дел од градот, кое ќе вклучува кружен тек или адаптивна семафоризација, со цел да се намали метежот и да се подобри безбедноста.

Ѓорѓиевски потенцира дека унапредувањето на инфраструктурата останува приоритет на градските власти.

„Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град. Продолжуваме со работа и конкретни резултати“, порача тој.

Поврзани содржини