ЕВРОПА ЌЕ СЕ ПЕЧЕ ВО НАЈЖЕШКОТО ЛЕТО ДОСЕГА Континентот ќе се соочи со пожари, суши и со топлински бранови

Речиси целиот европски континент, над 95 проценти од територијата, лани имаше температури над просекот, со екстремни топлински бранови, шумски пожари, суши и забрзано топење на глечерите, а 2026 година може да биде уште потопла, покажа новиот годишен извештај од Светската метеоролошка организација и програмата Коперник на ЕУ.

227

Во текот на 2025 година Европа забележа една од најжешките години во историјата, а научниците предупредуваат дека 2026 година може да биде уште потопла, поради очекуваниот посилен Ел Нињо, покажа новиот годишен извештај од Светската метеоролошка организација и програмата Коперник на ЕУ за климата во Европа во 2025 година.

Според податоците, речиси целиот европски континент, над 95 проценти од територијата, лани имаше температури над просекот, со екстремни топлински бранови, шумски пожари, суши и забрзано топење на глечерите.

Лани имаше температури од 46 степени Целзиусови во Португалија и 30 степени во Арктичкиот круг.

Фото: Принтскрин

 

Натпросечно високите температури доведоа до рекордна сезона на пожари, рекордно топли мориња и значителна климатска штета низ целиот континент. Во шумските пожари изгореа повеќе од милион хектари земјиште, што е најмногу досега. Во Шпанија имаше 20 големи шумски пожари истовремено.

Вкупните температури на површината на морето во Европа, исто така, достигнаа годишен рекорд, а 86 проценти од крајбрежните области доживеаја сериозни морски топлински бранови.

СМО и Коперник се посебно загрижени поради промените во најстудените региони во Европа, каде што снегот и ледената покривка се клучни за забавување на климатските промени со рефлектирањето на сончевата светлина назад во вселената.

Субарктичките Норвешка, Шведска и Финска минатиот јули го доживеаја најлошиот топлотен бран досега. Траеше три недели по ред, при што температурите во Арктичкиот круг надминаа 30 степени Целзиусови. Исланд, пак, го доживеа вториот најголем губиток на глечери од почетокот на евиденцијата.

Според СМО и Коперник повеќе од половина од Европа беше погодена од суша во мај 2025 година. Годината беше исто така една од трите најсуви години во однос на влажноста на почвата.

Опасно високите температури предизвикаа големи последици за општествата и за екосистемите низ цела Европа.

Научниците предупредуваат дека развојот на феноменот Ел Нињо, кој се очекува да биде силен, би можел дополнително да ги зголеми глобалните температури не само во оваа, туку и во наредните години.

Европа веќе се затопли за околу 2,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период, што е значително побрзо од глобалниот просек, а експертите истакнуваат дека промените се особено изразени во фреквенцијата на суши, пожари и во намалувањето на зимските студени периоди.

Европа е континентот што најбрзо се затоплува во светот. Коперник наведува 4 причини за овој тренд, вклучувајќи ја и близината на Европа до арктичкиот регион, кој самиот се затоплува најмалку 3 пати побрзо од глобалниот просек. Континентот, исто така, станува посончев, а промените во временските услови предизвикуваат поинтензивни топлотни бранови. Областите покриени со снег, кои ја рефлектираат топлината на сонцето, исто така, се топат.

Претставниците на Европската Унија предупредуваат дека се потребни итни „трансформативни промени“, со цел подобро да се подготви континентот за сè поизразените климатски екстреми.

Поврзани содржини