ДАЛИ ЌЕ СЕ ПОВТОРАТ ГОРЕШТИНИТЕ ОД 1877 ГОДИНА? Ел Нињо летово ќе прерасне во Супер Ел Нињо

Климатолозите предупредуваат дека 2026 и 2027 година би можеле да станат најжешките години досега. Според прогнозите, над Европа уште во мај се формира т.н. „топлотна купола“ поврзана со развојот на бурата Супер Ел Нињо.

3

Пеколни температури, екстремни суши, пожари и разорни поплави би можеле да ја погодат планетата веќе од следната година, предупредуваат климатолозите и метеоролозите. Експертите стравуваат дека светот влегува во опасна фаза на „Супер Ел Нињо“, феномен што во минатото предизвикал една од најсмртоносните климатски катастрофи во модерната историја.

Според германски „Билд“, Светската метеоролошка организација предупредила дека нов Ел Нињо би можел силно да влијае врз температурите и врнежите во следните години.






Климатологот Даниел Свејн од Калифорнискиот институт за водни ресурси смета дека 2026 и 2027 година имаат потенцијал да ги урнат сите досегашни температурни рекорди.

Метеорологот Џеф Берардели за американската телевизија WFLA-TV предупредил дека човештвото можеби ќе се соочи со временски екстреми без преседан.

– Мислам дека ќе бидеме сведоци на временски феномени какви што модерната историја никогаш не видела – изјавил Берардели.

Дали ќе се повтори пеколот од 1877 година?

„Вашингтон пост“ потсетува на летото 1877 година, кога Индија горела од суши, монсунот не пристигнал, а во провинциите Мадрас и Бомбај луѓето јаделе кора од дрвја за да преживеат. Во Кина пресушиле реки што со векови не доживеале суша, додека во североисточен Бразил добитокот умирал покрај патиштата.

Гладот тивко се ширел низ целиот свет, додека европските метрополи ја живееле Бел Епок. Според историските проценки, зад катастрофата стоел екстремно силен Ел Нињо, кој однел повеќе од 50 милиони животи, односно околу 3 до 4 проценти од тогашната светска популација.

Весникот предупредува дека дел од научниците денес стравуваат од сценарио во кое нов „Супер Ел Нињо“ би можел да покаже сличен разорен темперамент.

 

„Топлотна купола“ 

Метеоролошкиот портал Severe Weather Europe предупредува дека Европа веќе влегува во период на драматични временски промени.

По продорот на студен арктички воздух, над континентот почнува да се формира силна „топлотна купола“.

Овој феномен задржува топол воздух над големи области и создава услови за долготрајни топлотни бранови.

Според прогнозите, температурите во Шпанија и Португалија би можеле да надминат 35 степени, додека екстремно топлиот воздух постепено ќе се шири кон Франција, Германија, Велика Британија и Балканот.

Некои делови од Европа би можеле да бидат и до 15 степени потопли од просекот за крајот на мај.

Шумски пожари и колапс на екосистеми

Климатологот Тид Семлер од Ирската метеоролошка служба предупредил дека најсилните последици би можеле да се почувствуваат во 2027 година.

– Доколку Ел Нињо се развие во текот на втората половина од 2026 година, постои зголемен ризик 2027 година да стане рекордна година – изјавил Семлер.

Експертите предупредуваат и на зголемен ризик од катастрофални шумски пожари.

Теодор Кепинг од Империјал колеџ во Лондон смета дека силен Ел Нињо може да предизвика екстремни суши и топлотни бранови во Австралија, Канада, САД и Амазонија.

Што всушност е „Супер Ел Нињо“?

„Супер Ел Нињо“ е исклучително силна верзија на климатскиот феномен Ел Нињо. Тој се појавува кога температурите на површината на Тихиот Океан значително се зголемуваат над нормалата.

Кога отстапувањето ќе надмине два Целзиусови степени над просекот, научниците зборуваат за „супер“ Ел Нињо.

Таквите промени потоа предизвикуваат нарушување на временските модели низ целиот свет.

Последниот „Супер Ел Нињо“ ги урна рекордите

Последниот силен „Супер Ел Нињо“ беше регистриран во 2015 и 2016 година. Тој беше поврзан со рекордни урагани во Пацификот, суши во Етиопија, проблеми со вода во Порторико и рекордно високи глобални температури.

Климатологот Сара Ивасиќ од хрватскиот Завод за метеорологија објаснила дека Ел Нињо дополнително го засилува глобалното затоплување, пишува Јутарни Лист.

– Влијанието на затоплувањето од настаните на Ел Нињо се надополнува на веќе постоечкиот тренд на глобално затоплување, што би можело да доведе до нови температурни рекорди.

Таа потсетила дека последниот Ел Нињо од сезоната 2023/2024 придонел 2024 година да стане најтоплата година воопшто од кога почнало да се мерат температурите и климата со научни инструменти.

Поврзани содржини