СО ГОДИНИ СИЛУВАЛ ДЕТЕ, ГО СНИМАЛ И СЕ ЗАКАНУВАЛ Осомничениот жртвата ја држел во страв, прифатен притворот побаран од обвинителството

Обвинителството сомничи дека осомничениот со години злоупотребувал малолетно лице и го уценувал со снимени материјали, поради што е побаран притвор.

321

Скопското обвинителство отвори истрага против едно лице осомничено за сериозни кривични дела врз дете, а за него е побаран притвор кој е одобрен од судија на претходна постапка.

Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека осомничениот подолг период злоупотребувал малолетно лице, родено во 2012 година.

„Постои основано сомнение дека осомничениот, во период од 2023 година до 27 април 2026 година, на различни локации го принудувал детето на полови дејствија и го злоупотребувал за снимање фотографии и видеа со порнографска содржина. Воедно, му се заканувал дека материјалите ќе ги објави доколку случајот биде пријавен“, велат од обвинителството.

Според истрагата, заканите биле дел од начинот на кој осомничениот ја одржувал контролата врз жртвата и го спречувал да проговори.

Обвинителството смета дека постои сериозен ризик осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или да го повтори делото, поради што до судот е доставен предлог за определување мерка притвор.

Од МВР информираат дека 68-годишен жител на Скопје е лишен од слобода под сомнение дека извршил кривично дело „силување на дете кое не наполнило 15 години“.

Од таму велат дека лицето С.Ш. било приведено на 27 април, а според досегашните сознанија, случајот се однесува на период од 2023 година до денес.

Како што соопшти полицијата, постојат сомненија дека осомничениот го принудувал малолетникот на сексуални односи, а воедно го злоупотребувал и за снимање видео материјал со порнографска содржина.

По обезбедување на доказите, Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти поднела кривична пријава по итна постапка.

Судија на претходна постапка на осомничениот му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.

Надлежните институции продолжуваат со постапката за целосно расчистување на случајот.

Поврзани содржини