ЛЕКАРИ „РАБОТЕЛЕ“ 31 ДЕН ПО 24 ЧАСА ЗА ПЛАТА НАД 10.000 ЕВРА Алиу најави проверка на дежурства и прекувремена работа

Министерот за здравство најави контроли, дигитализација и воведување фингерпринт систем по откритијата за високи примања во јавниот сектор.

654

Во јавното здравство има лекари кои земале плати и повисоки од 10.000 евра, откри министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција на која беше презентиран новиот Закон за лекови. Тој нагласи дека Министерството располага со конкретни податоци и дека случаите ќе се решаваат институционално.

– Во јавното здравство имаме лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата, имаме лекари со плата од 700 илјади денари, а тоа е повеќе од 10 илјади евра. Министерството за здравство ги знае институциите, но дозволете тоа институционално да го решиме – изјави Алиу.






Темата за високите примања ја отвори и премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно во Собрание рече дека има здравствени работници кои пријавувале работа секој ден по 24 часа, со што значително ги зголемувале месечните плати.

– Треба да зборуваме и со доза на критика за одредени здравствени работници кои преку чуден ‘елексир’ на континуирана работа пријавуваат дежурства и добиваат месечни примања и над 10.000 евра. Има примери на лица кои „работеле“ 31 ден по 24 часа, без одмор и пауза. Чудно, но вистинито – рече премиерот.

Министерот Алиу нагласи дека институциите се познати, но дека не сака да ги соопштува јавно за да не се наруши процесот.

– Тоа повлекува и други административни и законски процедури коишто не би смеел јас како министер денеска да ги кажам на прес-конференција, бидејќи ќе загрозам процес којшто не треба да се загрози. Идејата не е да направиме спектакл од здравството, идејата е да го спречиме тоа што во моментот го има во здравствениот систем – рече Алиу.

Тој посочи дека има големи разлики и во обемот на работа меѓу лекарите.

– Имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно. И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме – додаде министерот.

Според него, во Министерство за здравство веќе имаат податоци за бројот на вработени, дополнителните часови и дали тие се во рамките на законските ограничувања.

– Знаете дека максимум 20% мора да се работи на тоа, и ние имаме институции коишто веќе се дефинирани дека тоа не е постапено – рече Алиу.

Тој посочи и на проблеми со ажурирањето на листите на чекање и најави санкции за институциите кои не ги ажурираат податоците. Дополнително, најави воведување на систем за евиденција на присуство со отпечаток од прст.

– Веќе го тестиравме едно од решенијата коешто со закон е овозможено, а тоа е фингерпринтот, за да може здравствените работници со „check-in“ и „check-out“ да направат според тој систем. Веќе во две клиники тестираме ваков систем. Ќе го воведеме прво во Скопје, а после во целата држава – рече министерот.

Министерството, како што додаде, бара и податоци од приватните здравствени установи за да се спореди колку време лекарите од јавниот сектор работат надвор од државните институции.

– Процесот на дигитализација значи дека секој чекор во здравствениот систем мора да биде регистриран и видлив за контролните механизми. Со новиот систем точно ќе знаеме кога еден лекар влегол на работа, колку пациенти прегледал и дали тие прегледи се во согласност со термините што се закажани преку „Мој Термин“ – истакна Алиу.

Тој најави и поврзување на софтверите на аптеките со централниот систем, со цел да се спречат злоупотреби со рецепти и лекови.

– Транспарентноста е единствениот начин да ја вратиме довербата на граѓаните во јавното здравство – додаде министерот.

Поврзани содржини