ВОЈНАТА ВО ИРАН МОЖЕ ДА СЕ ПРОШИРИ И ДА ГО ТУРНЕ ЦЕЛИОТ СВЕТ ВО ГОЛЕМА КРИЗА Можна е голема глад во Африка и нови бегалски бранови
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул оцени дека не е реално да се очекува дека воените акции на САД и на Израел врз Иран ќе доведат до промена на режимот.
Eвентуалната ескалација на војната со Иран може да има сериозни глобални последици, предупреди германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
– Конфликтот има реален потенцијал за проширување, што може да го турне не само регионот, туку и целиот свет во голема криза – изјави Вадефул по средбата со францускиот колега Жан-Ноел Баро во Берлин.
Тој нагласи дека снабдувањето со вештачки ѓубрива од регионот е од суштинско значење, предупредувајќи дека подолг прекин би можел да предизвика прехранбена криза во големи делови од Африка.
– Тоа мора да нè загрижува, како поради луѓето кои би страдале, така и поради можните бегалски бранови – додаде германскиот министер.
Во контекст на нападите врз Иран од страна на Израел и САД, Вадефул оцени дека не е реално да се очекува дека воени акции ќе доведат до уредна промена на режимот.
Тој потсети дека ниту во Ирак, ниту во Либија воените интервенции не резултирале со стабилна транзиција кон либерално-демократски систем.
Вадефул истакна дека Германија посакува внатрешни промени во Иран кон похумано и подостоинствено раководство.
Според него, потребно е со САД и Израел да се најде точка во која нивните воени цели ќе се сметаат за постигнати, по што би следувала деескалација и политичко решение.
Воедно, тој нагласи дека мора да се обезбеди безбедноста на Ормускиот Теснец и на државите од Персискиот Залив, додавајќи дека Европа може и треба да има значајна улога во тие напори.