НА 12 ПАЦИЕНТИ ИМ Е ДАДЕНА ТЕРАПИЈА СПРОТИВНО НА ИНДКАЦИИТЕ Вештакот Ристески и денеска сведочеше во процесот за предметот „Онкологија“
Има пациенти што требало да добијат „пембролизумаб“ а не добиле, особено во групата на пациенти со рак на бубрегот, рече сведокот Ристески.
На денешното рочиште за случајот „Онкологија“ вештакот Милан Ристески повторно сведочеше за терапиите и протоколите на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, при што посочи на повеќе отстапувања во медицинската документација и изборот на терапии.
– Направени се 33.000 преписи на скапа терапија. Проверувани се сите. Методолошки. Она што е најдено како чудно и неправилно овде е изложено – истакна Ристески во изјава за МИА.
Како и на минатото рочиште, тој сведочеше за терапиите и протоколите во Клиниката за радиотерапија и онкологија, при што рече дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.
Меѓу другото, тој појасни дека кај 12 пациенти терапијата била дадена спротивно на индикациите, без никаква корист и на штета на пациентите.
Образложи и за лекувањето на еден од пациентите од крајот на 2019 година.
– Има пациенти што требало да добијат „пембролизумаб“ а не добиле, особено во групата на пациенти со рак на бубрегот. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата – истакна Ристески на рочиштето.
Одбраната имаше забелешки дека Ристески дава стручна оценка за одлуки донесени од лекари со значително подолго клиничко искуство од неговото и дека по помалку од една година од добивањето на лиценцата за вештак од областа на радиотерапијата и онкологијата бил ангажиран како медицински експерт во овој предмет, иако не можело, оти бил и сведок.
Ристески негира дека ова е негов прв предмет по добивањето на лиценцата и истакна дека досега немало никаква забелешка за неговата работа.
Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од 2 години. Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето, со неправилно применети терапии кај 29 пациенти. Судењето продолжува на 31 март.
И на минатото рочиште вештото лице Милан Ристевски сведочеше за терапиите и протоколите и рече дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.