ГОЛЕМА ПРОЛЕТНА АКЦИЈА ВО СКОПЈЕ Ѓорѓиевски најавува чист град и уредени улици
Град Скопје започна широка пролетна акција за чистење и уредување на јавниот простор, со екипи од сите јавни претпријатија, а граѓаните се повикуваат да придонесат за одржување на редот и чистотата.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека на територијата на градот започна широка и координирана пролетна акција за генерално чистење, со цел унапредување на јавната хигиена и заштита на животната средина.
Акцијата стартуваше во општината Кисела Вода, а во неа се вклучени екипи од повеќе јавни претпријатија. Од „Комунална хигиена“ интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и неправилно одложениот смет. „Водовод и канализација“ спроведува перење на улиците и јавните површини, додека „Паркови и зеленило“ работи на уредување и одржување на зелените површини. Воедно, „Улици и патишта“ поставува метални столпчиња со цел спречување на узурпација на тротоарите и јавниот простор.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека акцијата претставува почеток на нов пристап кон одржувањето на градот, каде редот, чистотата и одговорноста ќе станат секојдневие.
– Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право на секој граѓанин. Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста – порача градоначалникот.
Од Градот најавуваат дека акцијата ќе продолжи со засилено темпо и во наредниот период, а за непочитување на правилата ќе следуваат соодветни санкции. Граѓаните се повикуваат да придонесат со одговорно однесување, да го чуваат јавниот простор и да не фрлаат отпад на несоодветни места.
„Нашата цел е да создадеме почиста и поуредена урбана средина, а грижата за животната средина и подобрувањето на квалитетот на живеење остануваат врвен приоритет во работењето на Град Скопје,“ истакнуваат од градската администрација.