МАЈКЛ Б.ЏОРДАН И ЏЕСИ БАКЛИ ДОБИЈА ОСКАРИ ЗА НАЈДОБРИ АКТЕРИ Филмот „Една битка по друга“ освои 6, а „Грешници“ – 4 награди

Биднаа и Оскарите 2026. Филмот „Една битка по друга“ освои 6 оскари, од кои 3 му припаднаа на Пол Томас Андерсон, кој беше награден како продуцент, режисер и сценарист. Блузерскиот хорор „Грешници“ освои 4 оскари, од кои, едниот, за најдобар актер за Мајкл Б.Џордан. За најдобра актерка беше прогласена Џеси Бакли за улогата во „Хамнет“

459

„Една битка по друга“ е прогласен за најдобар филм на годинешното доделување на Оскарите и освои дури шест награди, од кои три отидоа кај неговиот автор Пол Томас Андерсон, еден од најзначајните современи режисери, кој беше награден како продуцент, режисер и сценарист на филмот.

– Го напишав овој филм за моите деца, да се извинам за нередот што го оставивме на овој свет што им го предаваме на нив. Се надевам дека тие ќе бидат генерацијата која ќе донесе малку здрав разум и пристојност. Нашиот филм очигледно има одредена паралела со она што се случува во вестите секој ден и го одразува она што се случува во светот во однос на тоа каде оди – рече Андерсон алудирајќи на поделената политичка клима во САД и антиимиграциските чувства.






Шон Пен освои Оскар за најдобра машка споредна улога во победничкиот филм („Една битка по друга“), а овој филм беше награден и во новата категорија, за најдобар кастинг.

Блузерскиот хорор филм „Грешници“ на Рајан Куглер освои четири награди. Најголемо изненадување и покрај рекордните 16 номинации за овој филм, беше наградата за Мајкл Б. Џордан кој победи во трката со Тимоти Шаламе и ја доби наградата за најдобар актер. Режисерот Рајан Куглер беше награден за најдобро оригинално сценарио, а Отум Дуралд Аркапау стана првата жена која добила Оскар за најдобра кинематографија. Четвртиот Оскар за „Грешници“ е за најдобра музика (Лудвиг Јерансон).

Џеси Бакли ја освои наградата за најдобра актерка за филмот „Хамнет“, а хорор жанрот доби уште едно големо признание кога Ејми Мадиган ја доби наградата за најдобра женска споредна улога за „Оружја“. Тоа беше нејзина прва номинација по 40 години пауза.

„Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир е првиот норвешки филм кој се закитил со Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, „Франкенштајн“ на Гилјермо дел Торо доби три награди (сценографија, шминка/фризура и костимографија), а „К-поп ловци на демони“ две (најдобар анимиран филм и најдобра оригинална песна).

„Господин Никој против Путин“, документарец за руската пропаганда во училиштата, ја освои наградата за најдобар документарец.

 

 

Поврзани содржини