📽️ PEUGEOT 9X8 ИМА ВПЕЧАТЛИВ НОВ ИЗГЛЕД ЗА 2026 Французите подготвени за настапот во Катар
Peugeot Sport го претстави новиот изглед на тркачкиот 9X8 за сезоната WEC 2026. GTi инспирацијата дебитира на трката во Катар.
Peugeot Sport денеска во срцето на Париз, во престижниот Espace Vendôme, го претстави сосема новиот изглед на тркачките автомобили #93 и #94 PEUGEOT 9X8, за време на настан што се емитуваше во живо на YouTube каналот на брендот. Подготвен за Светското првенство на издржливост на FIA (WEC) за сезоната 2026, PEUGEOT 9X8 за првпат ќе се појави на патеката со новиот изглед на воведната трка – 1812 километри во Катар на 28 март.
Боите на PEUGEOT 9X8 за 2026 година се резултат на тесната соработка меѓу PEUGEOT Design и Peugeot Sport, со што е создадена впечатлива нова интерпретација на „Hypergraphs“ – визуелен јазик што ги изразува перформансите на Peugeot Sport. Hypergraphs претставуваат динамична мотоспорт интерпретација на култниот мотив на трите канџи на PEUGEOT, препознатлив елемент кај сите модели на брендот.
Градиентните ленти ја доловуваат брзината и постојаното движење на тркачкиот автомобил 9X8. Воедно го симболизираат и континуираниот проток на милиони точки податоци, чија анализа е клучна за конкурентноста во шампионатот каде разликите меѓу ривалите се минимални.
Овој визуелен јазик се пренесува и на најновото дополнување во гамата – новиот PEUGEOT E‑208 GTi, создаден преку соработката меѓу PEUGEOT Design и Peugeot Sport.
Бела, црна и црвена – PEUGEOT 9X8 за 2026 година ги презема историските бои на PEUGEOT GTi, првпат понудени кај легендарниот Peugeot 205 GTi при неговото лансирање во 1984 година. Емблематичната бела Okenite боја е во фокусот и претставува лансирачка боја и за новиот E-208 GTi.
Во јуни 2025 година, за време на трката 24 Hours of Le Mans, PEUGEOT го претстави новиот E-208 GTi, модел што нуди високо возачко уживање и перформанси од 280 коњски сили.
Како дел од таа приказна, на 93-тото издание на Le Mans, фан-зоната на Peugeot Sport го прикажа PEUGEOT 9X8 инспириран од GTi дизајнот – уникатен изложбен автомобил што привлече големо внимание кај фановите.
Сега, во пресрет на „GTi годината“, PEUGEOT оди чекор понатаму, воведувајќи целосно нов GTi изглед за тркачките автомобили PEUGEOT 9X8 #93 и #94 во сезоната 2026.
Новата графика ја спојува историската ДНК на моделите PEUGEOT GTi со современа креативност и технологија.
Целиот тим на Peugeot TotalEnergies ќе настапува со новиот визуелен идентитет во 2026 година, кој ќе биде применет и на тркачките одела на возачите, тимската опрема и другите елементи.
Матијас Хосан, менаџер за дизајн во PEUGEOT, изјави дека новиот изглед е доказ за силната соработка меѓу дизајнерскиот и спортскиот тим.
– Новиот изглед на PEUGEOT 9X8 е уште еден доказ за исклучителната соработка меѓу PEUGEOT Design и Peugeot Sport. Hypergraphs ги претставуваат легендарните три канџи и нивниот израз на перформанси, додека комбинацијата на бои го оживува духот на PEUGEOT GTi – рече Хосан.
Извршниот директор на PEUGEOT, Ален Фавеј, истакна дека новиот дизајн ја отсликува амбицијата на брендот.
– Новиот изглед на PEUGEOT 9X8 совршено ја илустрира нашата амбиција да ја продолжиме легендата на PEUGEOT GTi – спој на наследство и најсовремена технологија – рече Фавеј.
Тимскиот директор Емануел Есно додаде дека презентацијата на новата графика го означува почетокот на новата сезона.
– Ова е секогаш клучен момент за брендот и тимот. Новиот изглед ја симболизира обновената амбиција и силната врска меѓу натпреварувањето и брендот – изјави Есно.