РЕВИЗОРИТЕ ОД ЕУ АПЕЛИРААТ БРИСЕЛ ДА ГИ ЗАБРЗА ГЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА Без тоа ќе доцни зелената транзиција

Наскоро се очекува и Македонија да фати темпо во трката за критичните минерали без кои не е можна зелената иднина. Предвидено е во март пратениците да гласаат за нови закони за рударство и геологија. Со нив се предвидува создавање на листи за критични минерални суровини и стратешки минерални суровини.

82

Европското тело на ревизори (ECA) предупредува дека ЕУ може сериозно да доцни со зелената агенда ако не ги забрза геолошките истражувања, отворањето рудници и изградбата на постројки за преработка и рециклирање. Оваа зелена транзиција бара воведување технологии за обновлива енергија во голем обем, како што се ветерни турбини, батерии и соларни панели, а за тоа се потребни бакар, кобалт, никел, антимон, литиум и други минерали. Како што наведуваат ревизорите на работата на Унијата, за успешна енергетска транзиција, на ЕУ ѝ се потребни зголемени количини на критични суровини и е утврдено дека Брисел се соочува со низа предизвици.

Ревизорите се фокусирале на спроведувањето на Директивата за критичните минерални суровини, која предвидува забрзано издавање дозволи за експлоатација на руда за проекти означени како „стратешки“. Од земјите од Унијата, во специјалниот извештај насловен „Критични минерали за енергетска транзиција – Политика која не е цврста како карпа“, пофалби има само за Германија, Франција и Италија.






„И покрај побрзото издавање дозволи, многу стратешки проекти ќе се борат да обезбедат снабдување до 2030 година. Препорачуваме Комисијата да ги зајакне темелите на политиката на ЕУ за суровини, да обезбеди напорите за диверзификација да доведат до побезбедно снабдување, да ги реши тесните грла во финансирањето, подобро да го искористи одржливото управување со ресурсите и да ја зголеми додадената вредност на стратешките проекти“, пишува во текстот.

Ревизорите посочуваат дека потрошувачката на критични суровини како што се литиум, никел, кобалт, бакар и ретки земни елементи, драматично да се зголеми. Според нив, геолошкото истражувањето на наоѓалишта во ЕУ останува недоволно развиено.

„Новите стратешки проекти воведени со Директивата за критични суровини би можеле потенцијално да го подобрат домашниот ископ, преработка и рециклирање во ЕУ. Проектите означени како стратешки можат да имаат корист од побрзото издавање на дозволи и поголемата видливост. Сепак, неколку фактори ја намалуваат додадената вредност на инструментот на ЕУ за стратешки проекти. Прво, жалбите против издавањето дозволи сè уште може да предизвикаат одложувања. Второ, Законот не предвидува никакво финансирање од ЕУ за стратешки проекти. Трето, од ноември 2025 година, Комисијата објави само два конкурса за овие проекти – еден во мај 2024 година, а другиот во септември 2025 година – иако Законот бара најмалку четири отворени повици секоја година, почнувајќи од 2025 година“, се наведува во Извештајот.

Ревизорите се осврнуваат и на геополитичките кризи, кои исто така, можат да го ограничат снабдувањето на ЕУ, додека Брисел цели да оствари енергетска независност од трети страни. Тие повторно укажуваат дека е потребно забрзување на процесите.

„Проценката на влијанието на Директивата за критични минерални суровини од 2023 година заклучи дека процедурите за издавање дозволи се непредвидливи и фрагментирани. Времето потребно за добивање дозвола за рударство варираше помеѓу три месеци и три години. Утврдено е дека некои отстапувања во Финска и во Португалија траат до четири години. Доцнењата предизвикани од жалбите против доделените дозволи беа исто така идентификувани како значително тесно грло“, посочува ревизијата.

За да ги надмине ваквите предизвици, Брисел континуирано работи на стратешки партнерства за заеднички ископ и снабдување со руди. Тоа веќе се случи со државите од групата МЕРКОСУР,  а наскоро се очекува и потпис на договор со САД и Јапонија. Најавена е соработка и со регионите од Источното соседство на ЕУ и Западен Балкан.

Наскоро се очекува и Македонија да фати темпо во трката за критичните минерали без кои не е можна зелената иднина. Предвидено е во март пратениците да гласаат за нови закони за рударство и геологија. Со нив се предвидува создавање на листи за критични минерални суровини и стратешки минерални суровини. Во предлог текстовите на законите беа предвидени и стратешки проекти.

Последно во јавноста министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.

„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна неодамна Божиновска на средба со концесионери од Прилеп, на која се разговарало и за предизвиците поврзани со административните постапки.

Власта ги најавите новите законски решенија поради целосно усогласување на рударството со законската регулатива со европските директиви, а очекувањата се подобрување на транспарентноста, ефективноста за постапките за доделување на концесии за експлоатација на минерални суровини, како и искористувањето на минералните суровини и поголема контрола на концесионерите.

Поврзани содржини