ОБНОВАТА НА УКРАИНА ЌЕ ЧИНИ 600 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Најмногу се оштетени зградите, патиштата и енергетските објекти
Штетата врз станбениот сектор се проценува на повеќе од 60 милијарди долари, а транспортниот сектор околу 40 милијарди долари.
Војната во Украина предизвика директна штета во вредност од 200 милијарди долари, а реконструкцијата ќе чини милијарди повеќе, се наведува во најновиот извештај на Светска банка, Европска комисија, украинската влада и на Обединети нации.
Според нивните процени од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година до крајот на декември минатата година, вкупната штета изнесува 195,1 милијарди долари, а за реконструкција на земјата ќе бидат потребни 587,7 милијарди долари во следните 10 години.
Станбената, транспортната и енергетската инфраструктура се најмногу оштетени. Штетата врз станбениот сектор се проценува на повеќе од 60 милијарди долари, а транспортниот сектор околу 40 милијарди долари.
На 31 декември 2025 година, 14 проценти од станбените единици биле оштетени или уништени, што влијае на над 3 милиони домаќинства, се посочува во извештајот.
Најголема штета е предизвикана во источна Украина и во регионот околу главниот град Киев. Околу 75 отсто од вкупната штета е регистрирана во областите на фронтот.
„Голем дел од парите потребни за реконструкција треба да се наменат за домување, транспорт и за енергетика. Но, потребни се и средства за трговија и индустрија, како и за земјоделство, социјално осигурување, генерирање приходи и за отстранување на остатоци од експлозиви“ се посочува во извештајот.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека ЕУ „ќе продолжи да игра клучна улога во поддршката на реконструкцијата и обновата на Украина со мобилизирање на повеќе приватни инвестиции преку Инвестициската рамка за Украина и со охрабрување на клучните реформи преку Планот за Украина што ќе привлечат инвестиции и ќе ја доближат Украина до членството во ЕУ“.
Додека координаторот на ОН, Матијас Шмале, изјави дека обновата на Украина не е само прашање на пари.
– Враќањето на бегалците, реинтеграцијата на ветераните и учеството на жените во работната сила ќе го обликуваат економското закрепнување исто колку и капиталните текови и обновата на инфраструктурата – наведе Шмале.