ВОЈНАТА ПРОТИВ ИРАН ЌЕ ЗАВРШИ КОГА ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ УРАНИУМОТ Нетанјаху вели дека сè уште има работа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека, и покрај прекинот на огнот, војната против Иран не е завршена сè додека не се отстрани збогатениот ураниум од земјата.
Во интервју за американската телевизиска мрежа Си Би Ес, Нетанјаху го услови крајот на конфликтот со отстранување на високо збогатениот ураниум од иранска територија и демонтирање на објектите за збогатување во земјата.
– Оштетивме голем дел од нивните капацитети – рече Нетанјаху, алудирајќи на нуклеарната програма на Иран, неговите капацитети за производство на ракети, како и на силите на сојузниците на Техеран во регионот.
– Сепак, сето тоа сè уште постои. Сè уште има работа што треба да се заврши – додаде израелскиот премиер.
Многу е веројатно дека високо збогатениот ураниум на Иран сè уште е во тунелите на нуклеарниот комплекс Исфахан, и покрај нападите на САД и Израел, предупреди Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Инспекторите на агенцијата го изгубија пристапот до локацијата откако започна конфликтот на 28 февруари.
Иран има 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти, што е релативно мал технички чекор пред да се достигне нивото на збогатување од 90 проценти потребно за производство на нуклеарно оружје, соопшти МААЕ.