ШВЕДСКА БОЛНИЦА БАРА ДОНАТОРИ НА ФЕКАЛИИ!? Плаќа, а ги користи за терапија

Секој пациент што чека лекување зависи од бактериите што може да ги обезбеди само здрав донор. Веќе гледаме дека потребата од капсули ќе расте во текот на 2026 година, велат од болницата „Сконе“.

86

Универзитетската болница „Сконе“ во градот Лунд во јужна Шведска бара десетици донори на фекалии, исклучиво за медицински цели. Човечкиот измет се користи за правење капсули со бактерии за пациенти на кои, поради различни дијагнози, им е потребна нова цревна флора, пишува „Свиден хералд“.

Пред сè, ова се однесува на пациенти што страдаат од тешки дијареји (пролив) по терапија со антибиотици, но и на луѓе што страдаат од анорексија и слични нарушувања. Терапијата со антибиотици може да ја уништи нормалната бактериска флора. Во некои случаи, ова може дури и да биде опасно по живот, па тогаш е пресудно да се обнови цревната флора.






Цревната флора претставува екосистем на микроорганизми во цревата којшто е важен за имунолошкиот систем и метаболизмот. Навиките во исхраната, особено количината на влакна и видот на масти, влијаат на тоа кои бактерии опсатануваат во цревата. Цревната флора се чини дека има врска со мозокот и психичката состојба, но истражувачите сè уште не знаат точно каква е таа поврзаност.

Терапијата со капсули е побрза, поефикасна и помалку непријатна од досегашните методи како што се клизма или колоноскопија. Болницата во Лунд произведува капсули со цревни бактерии повеќе од една година, а оваа година ваквите третмани треба да станат достапни низ целиот јужен шведски регион Сконе. За да се оствари ова, треба да се пронајдат најмалку 30 донори на измет.

– Секој пациент што чека лекување зависи од бактериите што може да ги обезбеди само здрав донор. Веќе гледаме дека потребата од капсули ќе расте во текот на 2026 година – рекла во соопштение за медиумите Сара Хансон, медицинска сестра за заразни болести во Лунд.

Третманот со фекалии може да ја надмине тешката дијареја предизвикана од бактеријата Clostridium difficile во ситуации кога антибиотската терапија ја уништила нормалната цревна флора и овозможила прекумерно размножување на оваа, инаку, бенигна бактерија.

За еден третман, доволни се од 35 до 50 грама фекалии од здрав донор. Столицата се меша со сол и се процедува пред да се подели во капсулите. Капсулите потоа се замрзнуваат на минус 70 степени Целзиусови. Во текот на терапијата, што трае два дена, пациентот зема вкупно 40 капсули. Шведските лекари тврдат дека резултатите се видливи веќе по само еден третман.

Донори може да бидат здрави возрасни лица до 50 години. Во слични досегашни случаи, донорите добивале мала парична компензација за секоја „донација“. Капсулите што ги земаат пациентите немаат ниту мирис ниту вкус.

Интересно, но неодамна научниците, на археолошки локалитет во Турција, открија докази дека старите Римјани ги користеле човечките фекалии во медицински третмани, објави научното издание на Си-Ен-Ен.

Поврзани содржини