МАКРОН ПРЕТСТАВИ НОВА ВИЗИЈА ЗА ЕВРОПА, „КУПУВАЈТЕ ЕВРОПСКО“ Германија и Италија остро се спротиставуваат
Францускиот план предвидува Европа со повеќе јавни инвестиции, помала зависност од трговските партнери, поразновидни синџири на снабдување, посилна поддршка за домашната индустрија и помалку бирократија, а Италија и Германија не сакаат државен протекционизам.
Франццускиот претседател Емануел Макрон ќе се залага за својата изразито француска визија за економската иднина на Европа на состанокот на европските лидери во четврток.
Сепак, тој не може да смета на поддршката од Германија и од Италија, две земји чии визии за Унијата сè повеќе се совпаѓаат.
Двете земји се скептични кон големите планови на францускиот претседател и собираат поддршка за поинаков пристап, со поголем акцент на слободната трговија и на бизнисот, пишува Политико.
Што сака Макрон?
Амбицијата на Макрон е да го претвори состанокот на лидерите на ЕУ „во клучен момент“, вели извор близок до францускиот претседател, кој, како и другите соговорници, остана анонимен поради чувствителноста на темата.
Неговиот план, кој им го презентираше на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста минатата недела, предвидува Европа со повеќе јавни инвестиции, помала зависност од трговските партнери, поразновидни синџири на снабдување, посилна поддршка за домашната индустрија преку правилата „Купувајте европско“ во јавните набавки и помалку бирократија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџија Мелони веројатно нема да се согласат. Во последните недели, тие јасно ставија до знаење дека претпочитаат пристап што би ја поттикнал европската индустрија, но со помалку протекционистички нијанси, за да се избегне отуѓување на потенцијалните трговски и инвестициски партнери.
– Мораме повторно да ја направиме нашата економија конкурентна. Европа заостанува зад САД и Кина повеќе од една деценија. Сега мора да го смениме овој тренд – им рече Мерц на германските пратеници кон крајот на јануари.
На француските планови за „Произведено во Европа“ уште посилно се спротивставуваат Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Холандија и Шведска. Во заеднички документ објавен пред самитот, тие предупредија дека инсистирањето на европски преференции ризикува „да ги обесхрабри инвестициите во ЕУ“.
Соочен со таков отпор, на Макрон ќе му биде тешко да ја освои новата моќна двојка во Европа, особено со оглед на тоа што во Брисел се смета за претседател во заминување, чиј мандат завршува за нешто повеќе од една година.
– Во Брисел сте толку силни колку што сте силни дома. Да бев Макрон, ќе бев загрижен за зголемената соработка меѓу Мерц и Мелони – рече еден дипломат од ЕУ.
Нова рамнотежа
Најновата иницијатива на Макрон беше поттикната од заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини на извозот од ЕУ.
Иако тензиите со Вашингтон се намалија, Париз верува дека Брисел не смее да го спушти гардот и треба целосно да го прифати „европскиот суверенитет“, како што го опиша еден член од тимот на Макрон.
– Конфликти како оној околу Законот за намалување на инфлацијата во САД ќе се случат повторно, можеби за нешто друго. Ќе има турбуленции – рече друг француски функционер.
Но, дури и кога станува збор за справување со непредвидливиот Трамп, ставот на Макрон се разликува од новото италијанско-германско партнерство. Мелони и Мерц имаат повнимателен пристап, додека францускиот претседател, кој долго време го нарекуваше Трамп пријател, сега јавно демонстрира конфронтациски став.
– И Мерц и Мелони имаат помала веројатност од Макрон да го налутат претседателот Трамп. Рим и Берлин, за разлика од Париз, се поизложени во однос на јавните набавки, особено воената опрема – вели Алберто Рици, политички аналитичар во Европскиот совет за надворешни односи.
Италијанските функционери блиски до премиерот во последните денови не кријат дека Мелони е повеќе заинтересирана за зајакнување на врските со Германија, отколку со Франција.
Германија минатиот месец потпиша заеднички документ со Италија во кој ги наведува своите приоритети за самитот – вид документ што вообичаено Франција и Германија го составуваат заедно. Во него, тие поддржаа помек став за европските преференции што би се однесувал само на „клучните и фундаментални стратешки сектори“.
Мерц и Мелони остро се спротивставуваат
Берлин дополнително ги разработи своите приоритети во друг документ што го виде Политико, кој се фокусира на намалување на регулативата и олеснување на компаниите да работат преку границите, со цел продлабочување на единствениот пазар.
Мерките „Произведено во Европа“ што ги заговара Франција не се споменати во него.
– Кога станува збор за француската визија за стратешка автономија за ЕУ, земјите како Италија и Германија – водечките индустриски и трговски сили во Европа – секако мора да бидат внимателни да не се поткопаат себеси, а со тоа и економската сила на целата Унија – рече друг дипломат од ЕУ.
Разликите во ставовите повторно излегоа на виделина додека Комисијата се бори да го финализира својот Индустриски пакт, клучна мерка за која се залага комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон, близок сојузник на Макрон. Неговото усвојување веќе беше одложено двапати поради несогласувања околу одредбите „Произведено во Европа“.
Мелони и Мерц, исто така, организираат состанок пред самитот истиот ден со повеќе од десетина земји со слични размислувања, за да разговараат за приоритетите, но без Макрон. Според национален функционер, францускиот претседател бил поканет, но сè уште не го потврдил своето присуство.