„НЕМАВ ПОИМ ДЕКА Е ШПИОНКА!“ Шефот на „Енвидија“ му се доверил на Трамп за аферата со Алис Хуанг
Џенсен Хуанг ѝ се извинил на сопругата за неверството, додека Трамп тврди дека му верува оти не знаел за наводната шпионажа. Шефот на САД вели дека не знаел за сомневањата за Хуанг кои се појавија минатата пролет, кога Хуанг беше де од американската делегација со претприемачи и функционери која го посети Пекинг.
Извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, му рекол на претседателот на САД, Доналд Трамп, дека немал никаква претстава оти жената со која имал вонбрачна врска е осомничена за кинеска шпионажа.
Трамп изјави дека му верува на Хуанг, додека американското Федерално истражно биро (ФБИ) го разгледува случајот.
– Разговарав со него денес, само за да видам како е. Го прашав за целата ситуација. Тој рече дека немал апсолутно никаква претстава дека таа личност е шпион. Директно го прашав дали знаел, а тој одговори дека немал поим. И јас навистина му верувам – рече Трамп пред новинарите во Белата куќа, пренесе Си-Ен-Ен.
Трамп тврди дека дури неодамна дознал за разузнавачките сомневања. Американскиот претседател вели дека не знаел за нив минатата пролет, кога Хуанг бил дел од американската делегација при посетата на Пекинг.
– Мислам дека сè ќе биде во ред со него – додаде Трамп.
Признание што го потресе семејството
Хуанг на 8 ноември испратил писмо до вработените во „Енвидија“, во кое признал дека ја изневерил сопругата и им се извинил на своите најблиски.
„Ѝ бев неверен на сопругата. Моите постапки ги повредија неа и нашите деца. Нема оправдување за тоа што го направив. Длабоко жалам“, напишал Хуанг, според „Аксиос“.
Во писмото признал дека ја изневерил и довербата на колегите.
„Да се раководи со ‘Енвидија’ е привилегија на мојот живот. Не ја исполнив таа одговорност. Целосно сум посветен на компанијата и ќе работам за повторно да ја заслужам вашата доверба“, навел Хуанг.
Управниот одбор на технолошкиот гигант започнал независна истрага за да утврди дали неговата лична врска создала ризик за компанијата.
Американските медиуми ја идентификуваа жената како Алис Хуанг, кинеска бизнисменка и поранешна раководителка во сингапурската компанија „Мегаспид“. Таа и директорот на „Енвидија“ имаат исто презиме, но не се роднини.
Бакнеж во Тајпеј, сомневања во Вашингтон
Алис Хуанг, позната и како Хуанг Ле, претходно работела во финансискиот сектор и управувала со инвестициски фондови во Шангај. Подоцна се поврзала со бизнисот со напредни компјутерски чипови.
Според „Њујорк тајмс“ и „Фајненшл тајмс“, американските разузнавачки служби се сомневаат дека била регрутирана од кинеското Министерство за државна безбедност за да собира информации за Џенсен Хуанг и да влијае врз неговите ставови за продажбата на американски чипови во Кина.
На технолошкиот саем „Компјутекс“ во Тајпеј, во мај 2025 година, новинарите ги снимиле двајцата заедно на вечера. На снимката Алис го бакнува Хуанг во образ, а подоцна заминуваат со ист автомобил.
На почетокот на истата година Алис Хуанг и нејзиниот деловен партнер Канг Веи барале инвеститори за центар за податоци во Југоисточна Азија, вреден неколку стотици милиони долари.
Според „Фајненшл тајмс“, пред потенцијалните инвеститори тврделе дека имаат пристап до бараните процесори на „Енвидија“, а како клиент го посочувале кинескиот гигант „Алибаба“.
Милијарди долари зад љубовната афера
Според трговските податоци што ги објави „Њујорк тајмс“, малезиска компанија поврзана со „Мегаспид“ набавила опрема за вештачка интелигенција со технологија на „Енвидија“ вредна најмалку 4,8 милијарди долари, меѓу јуни 2024 и февруари 2026 година.
Американските власти ја испитуваат „Мегаспид“ поради сомневања дека преку неа кинески компании можеле да пристапат до напредни чипови, заобиколувајќи ги американските извозни ограничувања.
„Фајненшл тајмс“ објави и дека Џенсен Хуанг лично лобирал кај Трамп да дозволи продажба на напредните процесори Х200 на кинески купувачи. Нема јавно објавени докази дека Алис Хуанг го поттикнала на таков чекор.
„Мегаспид“ ги отфрли обвинувањата за незаконско постапување, а кинеското Министерство за надворешни работи ги нарече тврдењата за шпионажа клевета.
Одборот на „Енвидија“ соопшти дека засега нема причина да верува дека биле загрозени тајните на компанијата или американската национална безбедност.