ГОДИНАВА ЕРАЗМУС+ ИМА НАЈГОЛЕМ БУЏЕТ Програма во која младите од Македонија се рамноправни со врсниците од ЕУ

647

За 2026 година е обезбеден најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+.

– Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе. Државата учествува во програмата Еразмус+ како програмска земја. Тоа значи целосен и рамноправен пристап до сите активности и можности што ги нуди програмата, исто како и земјите членки на Европската Унија. Ова не е симболика, ова е суштинска, практична европска интеграција преку образование, млади и знаење. Ова е порака дека инвестираме во знаење, во младите и во европската иднина на Македонија – рече Мицкоски.






Според него, еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка. Таа им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги. Но уште поважно, рече Мицкоски, таа создава чувство на припадност, на европска младинска заедница, каде младите од Македонија се рамноправен дел.

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност има особено важна улога и во креирањето и имплементацијата на Акцискиот план од Законот за младинско учество. Преку активностите поврзани со програмата Еразмус+, Агенцијата директно придонесува кон остварување на целите на Законот – особено во делот на младинското учество, информираноста и активната вклученост на младите во општествените процеси.

– Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите. За универзитетите, Еразмус+ значи јакнење на институционалните капацитети, модернизација на наставата и активно вклучување во европски академски и истражувачки мрежи – рече Мицкоски.

Тој се осврна на клучните приоритети што ги поврзуваат програмата Еразмус+ и националните младински политики.

– Прво, задржување и активирање на младите, нешто што за нас е многу важно. Нашите политики имаат јасна цел: да го намалат одливот на млади и да го зголемат нивното активно учество во општеството. Еразмус+ придонесува кон тоа преку квалитетни можности и дома и во Европа, кои ги мотивираат младите да се развиваат, но и да се вратат, да останат и да придонесуваат дома. Второ, активно граѓанство и демократско учество. Програмата ја поддржува културата на учество, одговорност и дијалог. Преку младински дијалог, размени и граѓански активности, се гради генерација која знае да учествува, да прашува и да носи одговорни одлуки. Трето, социјална инклузија и еднакви можности. Еден од најважните принципи е обезбедување пристап до можности за сите млади, особено за оние со помалку можности. И четврто, европска интеграција и усогласување со ЕУ политики. Преку Еразмус+, европските вредности не се учат теоретски – тие се живеат – рече Мицкоски.

Поврзани содржини