НЕ ОДЕЛЕ НА РАБОТА, А ЗЕМАЛЕ ПЛАТА Екс-градоначалникот Дехари дозволил да „испарат“ 130.000 евра од општинската каса
Исплаќал плати на лица што не оделе на работа, буџетот на Општина Кичево оштетен за околу 130 илјади евра.
Поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, е пријавен за злоупотреба на службената положба, откако полицијата утврдила дека со години исплаќал плати на лица кои воопшто не оделе на работа, со што општинскиот буџет бил оштетен за околу 130 илјади евра.
Кривичната пријава ја поднела ОВР Кичево и опфаќа период од 2021 до 2025 година, кога Дехари ја извршувал функцијата градоначалник. Според полицијата, тој склучил договори за вработување со четири лица, спротивно на законските прописи, а потоа им дозволил со месеци, па и со години, да не се појавуваат на работното место, додека редовно земале плата и други надоместоци од општинската каса.
„Со пропуштање на должен надзор, осомничениот дозволил исплата на плати и придонеси, иако лицата не ги извршувале работните обврски“, наведуваат од полицијата.
Покрај поранешниот градоначалник, пријавени се уште четири лица – Ф.А. (62) од Зајас, А.Н. (38) од Србица, Х.Б. (37) од Црвевци и Б.С. (36) од Стрелци, кои се товарат за перење пари и други приноси од казниво дело.
Според наодите, тие примиле вкупно околу 86 илјади евра, иако знаеле дека средствата се стекнати незаконски. Секој од нив добивал различен износ на својата лична сметка, без реално да работи во Општината.
Полицијата посочува дека работниот однос не им бил прекинат ниту по истекот на законскиот рок, што дополнително ја зголемило штетата за буџетот на Општина Кичево.
Кривичната пријава е доставена до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошните чекори во постапката.