МАКЕДОНИЈА ПРЕД ТРАНСПОРТЕН ХАОС Камионџиите од утре ќе блокираат 9 гранични премини, бараат итно решение од Брисел
Превозниците реагираат на новиот систем на ЕУ кој ги третира како туристи и им го ограничува работењето.
Од утре напладне камионџиите организирани преку здружението „Макам-транс“ излегуваат на протест, со целосна блокада на граничните премини за товарен сообраќај.
Како што најавуваат организаторите, ќе бидат блокирани терминалите и сообраќајните ленти за камиони на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато. Протестот е планиран да трае до седум дена, но може да заврши и порано доколку се најде решение за проблемот.
Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија, „Макам-транс“, изјави дека се свесни за последиците од блокадата, но истакнува дека ако се реализираат нивните барања, придобивките ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан.
Муратовска вели дека засега нема никакви сигнали од Европската комисија за какви било преговори во однос на решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.
– Доколку до понеделник не се добие каква било информација од ЕУ, протестот во сите четири држави ќе почне точно во 12 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00.00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот – изјави Муратовска.
Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната, како што појаснува Муратовска, да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови.
– Новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување. А транспортната индустрија во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот ќе биде целосно разнишана – укажува Муратовска.
Протестот, истакнува, почнува на 26 јануари, а според реакцијата на ЕУ, ќе зависи дали ќе почне или ќе трае кратко, но сепак максимално траење на блокадите ќе биде 7 дена, што е синоним за еден просечен циклус на превоз на стока.
– Во земјава се затвораат за товарен сообраќај граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, а Табановце – Прешево ќе биде затворен од српската страна. Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова, ако се реализираат нашите барања, ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан – вели Муратовска.
Причина за протестот е новиот систем за влез и излез што го воведе Европската Унија, според кој возачите на камиони се евидентираат како туристи. Иако тие само транзитираат низ земјите од Шенген-зоната за да достават стока, честите преминувања на границите значат брзо трошење на дозволените 90 дена престој, по што им се оневозможува да продолжат со работа.
Протестот се одржува во координација со транспортерите од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои исто така најавија блокади на граничните премини кон Шенген-зоната.
Од Владата за Сител велат дека се во постојана комуникација со Брисел и дека активно се работи на изнаоѓање решение што ќе овозможи нормално функционирање на транспортот и непречен проток на стоки.
– Преку дијалог со Европската Унија, партнерските земји и превозниците се бара итно решение за надминување на проблемот – велат од Владата.
Во однос на економските последици, од Владата предупредуваат дека најпогодени ќе бидат извозно ориентираните компании, како и фирмите што работат во Технолошко-индустриските развојни зони, кои остваруваат целосен девизен прилив.
– Секое блокирање на транспортот значи директен удар врз економската активност. Прекините во испораките можат да предизвикаат сериозни штети и за домашните компании и за странските инвеститори – посочуваат од Владата.
Сепак, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, додека трае протестот нема да има прекин, односно блокада на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
– Протестот е предвидено да трае седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколко во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран. Министерството за внатрешни работи во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржрување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни метрии и други приоритетни партки – велат од МВР за ТВ Сител.
Во Македонија има околу 2.700 превозници за меѓународен транспорт, а најголемиот дел од увозот и извозот се одвива по копнен пат, што дополнително ја зголемува сериозноста на најавените блокади.